Регион

Четири случаи на заболени од западнонилска треска во Косово

Сите случаи се лекувани на Инфективната клиника и по подобрување на нивната здравствена состојба се отпуштени дома.

Четири случаи на заболени од западнонилска треска во Косово

Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) соопшти дека во земјата досега се потврдени четири случаи на заразени со вирусот на западнонилската треска, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешниот збирен извештај за состојбата со западнонилската треска во Косово, ИКШПК соопшти дека првиот увезен случај е потврден на 07.08.2024 година кај жител на општина Косово Поле.

Вториот и третиот случај се вели дека се автохтони и се потврдени на 09.08.2024 година, кај жител на Голем Белаќевац (Bardh i Madh) во Косово Поле, односно на 30.08.2024 година, кај жител на Призрен.

За четвртиот случај се вели дека е увезен случај и е потврден на 05.09.2024 година кај жител од село Старо Рујце (Rufc i Vjetër) во општина Липјан.

Сите случаи се лекувани на Инфективната клиника и по подобрување на нивната здравствена состојба се отпуштени дома.

Во соопштението на Институтот се наведува дека сезонскиот надзор против вирусот на западнонилската треска (WNV) во Европа се врши од јуни до ноември, односно во сезоната на можно ширење кога има масовно присуство на комарци како преносители на болеста.

„Врз основа на известувањето од Европскиот систем за надзор (TESSy) од почетокот на 2024 година до 5 септември 2024 година, 15 земји во Европа пријавиле човечки случаи на инфекција со вирусот Западен Нил: Албанија, Австрија, Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Косово, Северна Македонија, Романија, Србија, Шпанија и Турција“, се вели во соопштението.

Вирусот на Западен Нил се пренесува со каснување од комарец кај птиците. Луѓето и цицачите исто така можат да бидат заразени, иако околу 80% од инфекциите кај луѓето не даваат никакви симптоми. Повеќето случаи кај луѓето се случуваат помеѓу јули и септември кога комарците се активни.

„Околу 20% од инфекциите со WNV кај луѓето може да предизвикаат западнонилска треска, која се карактеризира со: главоболка, грозница, мијалгија (болки на мускулите), повраќање, осип, замор, болка во очите. Помалку од еден процент може да предизвика невроинвазивна болест на Западен Нил што влијае на нервниот систем“, се вели во соопштението на косовскиот Институт.

Најнови вести од Регион

To top