Регион

Белинда Балуку останува пратеник, за Бериша гласањето најцрн ден во албанската историја

Со 82 гласа против албанското парламентарно мнозинство одлучи да го отфрли барањето на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешната вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, со цел нејзино апсење.

Белинда Балуку останува пратеник, за Бериша гласањето најцрн ден во албанската историја

Со 82 гласа против албанското парламентарно мнозинство одлучи да го отфрли барањето на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешната вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, со цел нејзино апсење.

Веднаш по гласањето опозициските пратеници, почнаа да удираат на собраниските клупи а потоа ја блокираа говорницата, држејќи плакати на кои пишуваше „оставка“, „техника влада“. Мнозинството ја продолжи седницата усвојувајќи неколку Предлог-закони без дискусија.

Веднаш по гласањето премиерот Еди Рама ја напушти собраниската сала. На денешната пленарна седница не присуствуваше ниту еден странски дипломат, што се случува за првпат.

Пред парламентот се одржа протест, на кој освен неколку обиди да се пробие полицискиот кордон и фрлени петарди, мина со обраќања на претставници на опозицијата, а на крај и на демократскиот лидер Сали Бериша.

-Ова е најцрниот ден во албанската историја. Дадениот глас не беше за Балуку, туку за спас на Рамадуро (Еди Рама), најголемиот криминалец во Европа, најголемиот крадец на албанските граѓани. Денешното гласање е авторизација за големо востание на граѓаните против него. На 22 март сите во Тирана на протест, рече Бериша.

Претходно, претседателот на парламентарната законодавна комисија, Улси Мања, ја образложи одлуката на Социјалистите, донесена пред три дена, за отфрлање на барањето на СПАК.

-По смената на Балуку од функцијата, сега постои нова реалност и СПАК може да ги продолжи истрагите дури и без мерката апсење. За неа нема никакви докази дека е вмешана во корупција. Апелирам да гласаме разумно и политиката да ја оставиме подалеку од правдата, што е наша обврска кон граѓаните што ни ја дале довербата, рече меѓу другото Мања.

Оерт Буљугбаши од Демократската партија од собраниската говорница кажа дека опозицијата е за одземање на пратеничкиот имунитет. Покрај другото обвини дека социјалистите „со овој антиуставен чин вршат брутален упад во правосудниот систем“, дека е дополнителна опасност вакви дела, за кои е осомничена, да го направат и друг функционери и оти е потврда за нееднаквоста пред законот.

Балуку, која не присуствуваше на седницата, е осомничена во рамки на истрагата поврзана со тендерските постапки за тунелот Логара и дел од проектот за Големата обиколница во Тирана. Беше опфатена со реконструкцијата на владата, но останува пратеничка, бидејќи во Албанија и доколку биде избран за член на влада, останува и пратеник.

Претходно по објавата на одлуката на СП кусо реагираше СПАК изјаснувајќи се „против секоја иницијатива што го ограничува опсегот за истрага и на обичните граѓани и на високите функционери“.

To top