Основниот кривичен суд Скопје ja изрече пресудата на обвинетиот Васил Јованов од 12 години затвор за случајот со прегазувањето на Фросина Кулакова.
Незадоволен од пресудата таткото на Фросина Кулакова, Тодор Кулаков демостративно ја напушти судницата.
На самиот излез тој рече: Судот е мафија!
-Кај ќе ви оди душата, Господ ќе ве казни, им порача Кулаков.
-Само да не те сретнам, не ми се смеј цинично, му рече на Јованов еден од семејството Кулакови.
Тој најави нови протести на кои ќе бараат правда за Фросина, како што стоеше на црната маица што тој и другите членови на неговото семејство и блиските и денеска ги носеа во судот.
„Следните протести ќе треба со црвени раце да го излепиме цел суд, судиите кога ќе излегуваат од судница ќе ги чекаме со црвени, крвави раце да ги излепиме. Само така може да се свести ова судство кое, немам друг збор, ги штити мафијашите“, рече Кулаков.
Тој изрази сомнеж дека родителите на Васил Јованов однапред ја знаеле висината на казната бидејќи, како што рече, денеска изгледале релаксирано во судницата.
„Ако го обвинувам судот, ќе го кажам она што ми остави прв впечаток кога влегов. Родителите на Васо беа тотално релаксирани, дали тие ја знаеја казната, за разлика од претходното рочиште кога беа просто вкочанети“, рече таткото на Фросина.
Пресудата на судот ја нарече срамна, бидејќи, како што кажа, во оваа држава дилери на дрога и немилосрдни убијци се прогласувале за светци, спортисти и посветени студенти, посочувајќи притоа на одбраната на Васил Јованов.
„Убиецот Васо и останатите тројца кои биле во автомобилот се светци, а загубата на најморбиден можен начин на животот на детето ангел Фросинче е едноставно небитно. Животот одамна е докажано дека нема вредност токму според законите на оваа недржава. Затоа оваа пресуда е таква каква што е, срамна и тажна за целото општество“, рече Тодор Кулаков.
Тој обвини и за корупција, како и за уништување докази од лице кое било на совозачкото седиште во автомобилот со кој Васил Јованов критичната вечер ја прегази Фросина на пешачкиот премин во Скопје.
„Никој не обрати внимание на мноштво од сведоците кои беа прикривани и должни да одговараат пред законот за уништување клучни докази, како совозачот Лорен кој додека се возеле снимал целосна снимка и потоа таа снимка ја брише, а од која многу други работи ќе беа откриени… Така казната ќе беше многу поголема, но и за другите тројца во автомобилот. Каде се тие сега, каде се. Овој систем ги сокри нив. Системот треба да одговара за соучесништво во прикривање на убиство“, рече Тодор Кулаков.
Судењето почна на 9 овој месец обвинетиот Васил Јованов призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката што се случи во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Според обвинението, на 29 јануари годинава, Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години.
На крајот од својата изјава пред новинарите тој кажа дека како семејство не исклучуваат своето незадоволство повторно да го искажат пред судовите и пред Судскиот совет, кој, како што рече е трулежот во судството.
„Тие се тие, кои вакви криминалци од судии штитат и ги бранат. Ќе протестираме и ќе бараме оставки и смена на ваквиот корумпиран судско-казнен систем. Многумина на душа ќе ја носат погибијата на детето ангел Фросинче и ваквиот срамен судски епилог, арам да им се парите и сè друго што добиле како компензација и Бог нека им суди и нека им пресуди, ние не се откажуваме“, рече тој.