Македонија

Сиљановска Давкова по повод 23 Октомври: Државноста е тешко стекната, не ни е подарена и треба да се брани со демократски инструменти

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Сиљановска Давкова по повод 23 Октомври: Државноста е тешко стекната, не ни е подарена и треба да се брани со демократски инструменти

Почитувани сограѓани,

Нека ни е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Ви посакувам празникот да го минете во мир и хармонија, радост и среќа, уживајќи ги придобивките на тешката борба за слободна, независна и демократска македонска држава.

Идејата-водилка на основачите на Македонската револуционерна организација, коишто пред 131 година визионерски зачекорија по трнливиот пат кон политичка автономија, еволуираше и се доградуваше низ годините. Резултатот е самостојна македонска држава исправена пред нови предизвици.

Прославувајќи го Денот на македонската револуционерна борба, да се потсетиме на сите знајни и незнајни херои и на нивните идеали, убедувања и жртви. Денес, кога го живееме нивниот сон, да не заборавиме дека државноста е тешко стекната, дека не ни е подарена и треба да се брани со демократски инструменти, наместо со оружје, како некогаш.

Затоа, да се грижиме за татковината и да си ја чуваме, оти друга немаме!

Да се почитуваме еден со друг, оти без нас сите, нема македонска држава.

Да им ја оставиме на потомците, како што нам ни ја оставија, македонските револуционери.

Нека ни е честит празникот, пишува Сиљановска во својата честитка.

To top