Македонија Аналитичари за МИА за победата на Трамп

Не се исклучува американско посредување за деблокада на македонската евроинтеграција

Не се исклучува американско посредување за деблокада на македонската евроинтеграција

Убедливата победа на Доналд Трамп на претседателските избори во Соединетите Американски Држави потврдија дека потфрлија анкетите на јавното мислење, кои покажуваа изедначени изгледи за победа со неговиот противкандидат демократката Камала Харис. Во однос на нашиот евроинтегративен пат, не се исклучува можноста од посредување од страна на Стејт департментот од деблокада на процесот.

Ова во изјави за МИА го велат поранешниот амбасадор во САД Васко Наумовски и аналитичарот Марко Трошановски.

Прашан за коментар на исходот од изборите и какви промени очекува во американската надворешна политика и особено за регионов, Наумовски потенцира дека истражувањата на јавно мислење повторно потфрлија, за разлика од анкетите коишто покажуваа изедначени рејтинзи на Доналд Трамп и Камала Харис и дека Трамп ги доби гласовите во т.н. колебливи држави.

-Претседателот Трамп успеа да го подобри својот резултат и да освои многу поголем број на гласови во сојузните држави коишто ја носат победата. Главниот фокус на новата американска администрација се очекува да биде во економијата што беше една од причините за овој пресврт во американската политика и истовремено да се направат определени промени во надворешната политика со што ќе се врати она лидерство на САД на глобалната сцена. Пред се, тоа се однесува на улогата која што може да ја преземе САД во завршувањето на војната помеѓу Русија и Украина, и со тоа да се придонесе за стабилизација на Европскиот континент, и во економска и во политичка и во безбедносна смисла, што неминовно ќе има последици и врз регионот на Балканот, вели амбасадорот Наумовски, кој е професор на Правниот факултет во Скопје.

Според Наумовски, не се очекува некаква драстична промена во билатералните односи помеѓу САД и Македонија затоа што ние немаме никакви отворени прашања, но, вели, можни се определени промени во однос на затворањето на отворените прашања коишто се уште постојат на Балканот, и во тој контекст да се постават основите за натамошна целосна интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, што во суштина е и една од целите на долгорочната американска надворешна политика.

Според аналитичарот Трошановски, анкетите потфрлија во прогнозите за победникот, бидејќи резултатите даваа изедначени шанси на двата кандидата и она што е, вели, исход засега покажува дека е поголема победата на Трамп од тоа што се очекуваше. Тој смета дека тоа ќе ја зголеми дополнително постоечката поларизација во американското општество кое досега, како што посочува, достигнала невидени нивоа на антагонизирање помеѓу двете главни струи поделени помеѓу поддршката за Трамп и демократската кандидатка Харис.

-Што се однесува до Европа и Западен Балкан голема е загриженоста, верувам помеѓу повеќето европски лидери за овој исход од американските избори, меѓутоа секако дека тоа може да биде и можност за дополнително збивање на европските редови во смисла на зголемување на заедничкиот надворешен долг, на поголема финансиска поддршка на економијата, реформите кои што Марио Драги ги навести од 800 милијарди евра потребни да се вбризгаат во економијата на ЕУ за да остане конкурентна на светски план итн. Загриженоста што се однесува до потенцијалното ослабување на НАТО или напуштање на Америка на НАТО, мислам дека се помалку извесни иако би можело да се очекува заладување на односите. Сепак сме во еден глобален геополитички конфликт. Едностраното наметнување на примирје или мировен договор помеѓу Русија и Украина што го заговараше Трамп, исто така, е спротивно на интересите на Брисел. И се разбира потенцијални ексалации на трговските војни со реципрочни мерки кои што беа одбележје на неговиот претходен мандат како во контекст на Европа така и во контекст на Кина, и на крајот влијанието врз крајната десница, која што би ја имал Трамп потенцијално во ЕУ. Тие се области во кои треба да бидеме загрижени и постои загриженост, но, од друга страна може да му помогне на европскиот континент кој што е во некаква лимбо состојба и недоволна соработка и лидерство од страна на Германија и Франција конечно да направи болни, но потребни реформи на ЕУ, оценува Трошановски.

На прашањето дали може да очекуваме евентуална поддршка од Америка во однос на можност за уставни измени со одложено дејство, односно нивно стапување во сила по завршување на преговорите, на што инсистира Владата, за деблокада на нашата евроинтеграција, и Наумовски и Трошановски не отфрлаат таква можност.

-Една од стратешките традиционални цели на САД, е да се постигне целосна стабилизација на Балканот и негова интеграција во ЕУ, и сите прашања коишто се поврзани со оваа тема, секако би можеле да бидат дел од потезите коишто САД ќе ги влечат во овој регион во наредниот период. Во тој контекст можна е поддршка и охрабрување на одредени процеси коишто ќе придонесат за решавање на билатералните прашања коишто го попречуват проширувањето на ЕУ, вели Наумовски.

-Секако дека може да очекуваме, тоа и досега беше правено од страна на Стејт департментот во смисла на поддршка на процесот, меѓутоа преговарачките позиции на Бугарија и на Македонија, во контекст на украинската војна, Бугарија како една експонирана држава на источниот фронт со многу поголемо значење во сегашен контекст, секако и влијаеше на тоа да евентуалната поддршка на Америка во овој спор не биде секогаш во наш интерес, ќе превагне кон Бугарија. Дали оваа администрација ќе направи некаков поголем исчекор во оваа насока, мислам дека постои таков интерес и кај европските лидери и кај Америка да се поттикне некаков модалитет кој што ќе ги овозможи уставните измени. Но, за тоа се чека формирање стабилна влада во Бугарија бидејќи немате реално соговорник од другата страна, посочува Трошановски.

To top