Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното обраќање по повод една година од Владата, под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“ истакна дека се продолжило да се развива информатичкото општество.
– За една година обезбедивме 120 нови електронски услуги за граѓаните на националниот портал uslugi.gov.mk. Со измените на законот за електронски документи, електронски издадените документи се сметаат за еднакво важни како и оргиналот. Се обезбеди Закон за сајбер безбедност. Државата за првпат добива закон за безбедност на мрежи и информациски системи. По повеќе од 12 години, издавачите на онлјан медиуми- интернет-публикации се препознаени во новиот Закон за медиуми, подвлече премиерот пред присутните.
Во делот на спортот, кажа дека реконструирани се 15 мултифункционални игралишта во повеќе градови во државата и изградени се 15 спортски центри низ цела земја. Откочен бил проектот за изградба на пет базени, доделени биле 500 стипендии „Спортска надеж“ наменети за млади талентирани спортисти.
– Македонскиот спорт поддржан од државата со 20 милиони евра средства што Министерството за спорт ги исплати директно на спортистите и на спортските субјекти, беше додадено на настанот.
Во делот на културата, рече дека е откочена изградбата на „Стариот театар“ во Струмица.
– Започнавме реконструкција на поранешно кино „Партизан” во Битола при НУ Народен театар – Битола, инвестицијата е вредна 96 милиони денари. Се откочува и градбата на Универзалната сала во Скопје. Воведен е чартер лет со туристи на авиокомпанијата „Freebird Airlines“ од Германија за 35.000 туристи годишно, во рамките на потпишаниот договор за соработка со германскиот тур-оператор „РСД“. Го продолживме проектот за возобновување на Свети климентовиот универзитет на Плаошник. По седум години запоставеност, повторно е отворен комплексот „Македонско село“, што ја прераскажува македонската културата, автентичната архитектура и традиција, додаде Мицкоски.
Во делот на администрацијата, како што подвлече, се спроведе акцијата – „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ за отворен, темелен и партиципативен процес на сите засегнати страни при изготвување на законите
– Формирање на Академија за стручно усовршување на јавните службеници, со мандат и капацитет да обезбедува стандардизирана, професионална и континуирана едукација за јавната администрација на национално и локално ниво, додаде Мицкоски.