Деновиве собрав сили и посетив пријатели во Кочани. Сакав како и сите да им дадам поддршка, да изразам сочувство да им кажам и покажам дека не се сами. Дел од нив се матуранти, но тоа за нив сега не е важно, сè е споредно и тажно. Градот е тивок, тажен и празен. Тагата е присутна, може да се почувствува кај сите, а празнината е огромна. Таа празнина многу ме вознемири.
Враќајќи се кон Скопје размислував како минатата година кога јас бев матурант бев полн со позитивен адреналин дека почнувам ново поглавје во животот и дека животот само од мене зависи. Во истиот момент ми се врати сеќавањето како голем дел од моите врсници наместо подготовки за прослава забрзано ги подготвуваа документите за упис на странските универзитети. Ме ужасна помислата дека за некој месец повторно како и лани огромен број млади луѓе ќе заминат на студии во странство со надеж за подобро утре.
Со секој изминат ден, од разни причини, ние стануваме сè помалку и сè поосамени. Затоа сакам со оваа објава барем малку да придонесам за да се врати оптимизмот, барем оптимизмот кај младите, а за другото ќе работиме сите заедно. Довербата се гради, а за тоа треба време, системот се менува, а за тоа треба време, желба и многу работа. Животот е исполнет со избори и тие избори зависат само од нас. Исполнет е и со можности, а на некои можности можеме, но на други не можеме да влијаеме.
Еве каде ја гледам надежта
Јас никогаш немав дилема дали ќе студирам дома или во странство бидејќи патриотското чувство кај мене беше развиено уште од дете. Поборник сум за тоа дека промените почнуваат од нас самите. Студент сум на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје и по нецела година од студиите среќен сум што можам да кажам дека не згрешив. Желбата да се подобруваме и напредуваме е присутна и кај студентите, но и кај професорите. Професорите се сè поотворени за дискусија и квалитетна дебата. Се поздравуваат и подржуваат иницијативи за работа на проекти, волонтерства и практична работа. Се поттикнува критичко размислување и истражување.
Предавањата се продуктивни и корисни. Но, останува и ние самите да се потрудиме да студираме и да стекнуваме знаења, а не само да ги положиме испитите, бидејќи оттука започнува промената на системот. Од тоа колку ние самите ќе се усовршиме, ќе стекнеме знаења и ќе усвоиме вредности за да го смениме системот, но во вистински правец. Она што исто така многу ме радува е дека и колегите од другите факултети го потврдуваат овој позитивен тренд. Затоа сакам да ве повикам да останете да студирате тука, бидејќи има што да научите и од кого да научите. Останете тука бидејќи ние сме иднината на оваа земја, на Македонија. И вие што дипломиравте и вие што сакате да работите – сите заедно можеме да направиме подобро место од ова парче земја. Секој во својата област и секој со своето искуство и знаење.
И знам дека нема секогаш и во сè да успееме и знам дека нема да биде лесно – впрочем никаде и ништо не е лесно. Но тоа не значи дека треба да се откажеме и да бегаме. Знам и дека човек понекогаш се изморува во борбата за правда. Правдата понекогаш е бавна, но ајде да се потрудиме да ја добиеме. Јас бев во првите редови меѓу младите во одбрана на уставното име. За жал, не успеавме. Но не се плашам и не се предавам на првата пречка, не се откажувам по првиот пораз и го прифатив предизвикот. Се запишав на Правниот факултет за да ги стекнам потребните знаења и со факти и аргументи да се спротиставам на сè она што го сметам за неправда.
Ја имаа мојата поддршка и матурантите и студентите во секој протест и иницијатива во борбата за нивните права. Секој оној што ќе се обиде Македонија да ја направи подобро место за живеење ќе ја има мојата поддршка. Јас сум тука и ве повикувам сите да ги поправиме и да ги пополниме празнините во системот, но и во срцето и во душата, кои ни ги отворија не само оваа трагедија туку и сите неправди и искушенија низ годините.
Пишува Петар Мицкоски