Со имплементацијата на пакетот закони за дигитална трансформација кои вчера поминаа на собраниската Комисија за транспорт каде се одржа јавна расправа, ќе се овозможи подобро и поквалитетно секојдневие за граѓаните, оцени денеска пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.
Јаревски на прес-конференција во Собранието рече дека самиот факт што на јавната расправа учествувале над 70 претставници од сите области на општествениот живот, ја покажува важноста на овој реформски пакет на закони.
– Дискусиите, забелешките, коментарите и размислувањата се преточија во заклучоци и 12 амандмани кои веќе се доставени за второ читање. Иако имаше неколку претставници и од опозицијата, истите не зедоа учество во расправата, се надеваме дека тоа значи дека немаат забелешки и дека ќе го подржат реформскиот пакет на закони, рече Јаревски.
Дел од придобивките, како што посочи, е тоа што граѓаните ќе може од својот дом да симнат и испечатат документи кои ќе имаат правна важност еднаква како оние издадени на шалтер. Документи кои ќе содржат QR-код како безбедносен елемент и доказ за автентичност.
Додаде дека ова не се празни ветувања, туку новото лице на јавната услуга која ќе биде ефикасна, сигурна и достапна.