Македонија бјб

Јанев: Полицијата е партнер на граѓаните, обврска и задача е да им служи

Јанев: Полицијата е партнер на граѓаните, обврска и задача е да им служи

Безбедносните состојби се на завидно ниво, но секогаш мораме да стремиме кон подобро во интерес на поефикасно и поквалитетно извршување на задачите за загарантирана безбедност и сигурност на нашите граѓани, порачав денеска на колегите при посетата на Полициските станици од општа надлежност Крива Паланка и Кратово и на Граничниот премин Деве Баир, истакна денеска директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.

Во рамките на посетите, тој имал можност да го види и заедничкиот координативен центар со Република Бугарија.

-Се информирав за состојбите во овие организациони единици и заеднички ги договоривме активностите за унапредување и подобрување на секојдневното полициско работење. Видов како функционираат и службите одговорни за одржување на патиштата во зимски услови кои заедно со сообраќајната полиција имаат удел за сигурноста на сите учесници во сообраќајот. Констатиравме дека неопходна е постојана меѓусебна комуникација и координација и во делот на размена на информации и во делот на конкретно полициско делување, бидејќи станува збор за региони коишто ги опфаќаат областите од граничното работење, па од тие причини активностите треба да бидат комплетирани со сите специфики карактеристични за подрачјата.
На колегите им порачав дека професионалниот и личен интегритет на полицискиот службеник, државничко постапување со стриктно почитување на законот при извршување на работните задачи се суштински предуслов во успешно справување и превенирање со сите облици на криминал и одржување на јавната безбедност, потенцираше Јанев.

Директорот на БЈБ нагласи дека таквиот однос не само што се рефлектира врз резултатите од работењето, туку е клучен и за имиџот на полицијата меѓу граѓаните.

Секој службеник неопходно е да демонстрира практика која ќе биде показател дека полицијата е партнер на сите наши граѓани и има мисија да служи, а не да владее.

To top