Изложбата „Урбани трансформации“ на Благојче Наумоски – Бане вечер ќе биде отворена во Културно- информативниот центар во Скопје.
Како што информира КИЦ – Скопје, најновиот творечки циклус на ликовниот уметник Благојче Наумоски – Бане со наслов „Урбани трансформации“ е продолжување на неговото трагање по визуелните сензации во урбаните простори, кои го опседнуваат авторот со своите динамични композиции, геометризмот и игрите помеѓу материјалноста и апстрактното.
– За разлика од претходниот проект „Пукнатини/трансформации“ каде беа применети дигиталните техники, во овој циклус авторот целосно се потпира на сликањето со акрилни бои на платно, со што ја нагласува човечката компонента и емоцијата што сака да преовладее во отсликувањето на овие навидум сурови архитектонски структури. Може да се каже дека во оваа серија на платна, од кои повеќето со мали димензии, Наумоски ја доживеал својата сликарска зрелост, нудејќи возбудливи и вибрантни колорни комбинации, неочекувани композициски решенија и смели форми. Но и овде, геометриската апстракција и претопувањето на наративните елементи во текстури, светлосни снопови и сенки (што го потенцира и во воведниот наслов „Енергија на светлината“), нѐ враќа до намерата на авторот да ни понуди чист визуелен концепт, во кој тој успеал чудесно да ги поврзе сите видливи со невидливите (емотивните) состојки, наведува проф. д-р Гордана Вренцоска.
Според неа, циклусот „Урбани трансформации“ еклатантно ја потврдува способноста на еден уметник да ги реинтерпретира нештата што го опкружуваат преку единствена и кохерентна уметничка визија.
– Наумоски не го критикува брутализмот како правец, туку потсетува на негрижата на општеството и запоставувањето на овие градби во денешницата. Напротив, тој го слави и оживува ова урбано културно наследство, давајќи му можност за нова уметничка еволуција и егзистенција, пишува проф. д-р Гордана Вренцоска.