Вести

Апокалиптични сцени од Шпанија: Загинаа најмалку 51 лице, ПОПЛАВИТЕ носеа се пред себе (ВИДЕО)

Шпанскиот крал Фелипе Шести денеска вети целосна потребна поддршка на роднините на жртвите од поплавите што го опустошија југоисточниот дел на Шпанија.

Апокалиптични сцени од Шпанија: Загинаа најмалку 51 лице, ПОПЛАВИТЕ носеа се пред себе (ВИДЕО)

Најмалку 51 лице загина во вчерашните поплави во источниот и јужниот дел на Шпанија. Според локалните медиуми, неколку лица се сметаат за исчезнати, додека врнежите го нарушија железничкиот сообраќај и предизвикаа објава на црвен аларм за обилни дождови, бидејќи се очекува неповолното време да продолжи.

Властите информираа дека пронајдени се дел од телата откако поплавите вчера носеа автомобили по уличките на селата и го прекинаа железничкиот сообраќај во голем дел од источниот и јужниот дел на земјата, јави шпанската агенција ЕФЕ.

Воз со голема брзина со речиси 300 патници излезе од шините во близина на Малага, а железничките власти соопштија дека никој не е повреден. Поплавите исто така го прекинаа железничкиот сообраќај на релациите меѓу Валенсија и Мадрид, како и други приградски линии низ погодените региони.

Државната метеоролошка агенција издаде црвен аларм за обилни дождови во областа Валенсија, каде поплавите предизвикаа уривање на мост во Пичања.

Општини како Турис и Утиел нотираа околу 200 литри дожд на квадратен метар, додека многу населени места на југот и истокот забележаа над 100 литри само во текот на вчерашниот ден, според официјалните извештаи.

Властите предупредија дека неповолните временски услови ќе продолжат и ги повикаа локалните жители да бидат претпазливи. „Овој вторник е најнеповолниот ден од оваа епизода, но многу обилни врнежи ќе продолжат и во наредните денови,“ соопшти синоќа агенцијата на платформата Икс.

Шпанија во последните години се соочува со слични есенски бури. Земјата оваа година се опорави донекаде од тешка суша благодарение на врнежите. Поголемиот дел од климатолозите велат дека порастот на екстремни временски настани е предизвикан од климатските промени.

Шпанскиот крал Фелипе Шести денеска вети целосна потребна поддршка на роднините на жртвите од поплавите што го опустошија југоисточниот дел на Шпанија.

-Уништени сме од најновите вести за поплавите, напиша шпанскиот кралски двор во објава на социјалната мрежа Х.

-Изразуваме најискрено сочувство до семејствата и роднините на повеќе од 50 загинати. Сила, храброст и сета потребна поддршка за погодените, додаде тој.

Централната влада формираше кризна единица, која за прв пат се состана синоќа и испрати армиска единица специјализирана за спасувачки операции во провинцијата Валенсија.

Кризното одделение треба повторно да заседава денеска напладне под претседателство на премиерот Педро Санчез, кој неодамна се врати од официјална посета на Индија.

-Со загриженост ги следам вестите за исчезнатите луѓе и штетите предизвикани од невремето во последните неколку часа, напиша премиерот во текот на ноќта на „Х“, повикувајќи ги луѓето да ги следат советите на властите. „Бидете многу внимателни и избегнувајте непотребни патувања“, додаде Санчез.

Најнови вести од Вести

To top