сабота, 30. јули 2022. Вести денес: 31
home Вести

Зеленски ја нарече Африка „заложник“ на војната во Украина

Зеленски ја нарече Африка „заложник“ на војната во Украина

Украинскиот претседател Володомир Зеленски ја нарече Африка „заложник“ на руската војна, во текот на своето вчерашно обраќање до Африканската унија (АУ), јави Би-Би-Си.
Руската инвазија и блокирањето на украинскиот извоз на житарици предизвикаа недостиг, па поради тоа милиони лица се најдоа во опасност од глад.

Претседателот на АУ изјави дека постои „итна потреба од дијалог“ за да се обнови глобалната стабилност.

Западните земји ја повикаа Русија да ги ослободи огромните украински залихи во житарици.

-Африка всушност е заложник….на оние кои ја почнаа војната против нашата држава, рече Зеленски во говорот.

Тој додаде дека неговата влада е вклучена во „сложени преговори“ за ослободување на залихите на житарици, што се заробени во украинските пристаништа во Црно Море.

-Оваа војна вам и на вашите земји може да ви изгледа многу далечна, но цените на храната кои катастрофално растат веќе ја донесоа во домовите на милиони африкански семејства“,рече Зеленски пред АУ.

Говорот на Зеленски се одржа речиси 10 недели по неговото прво барање да се обрати пред оваа континентална организација. Би-Би-Си пренесува дека на виртуелната седница биле повикани 55 лидери на држави од Црниот континент, но присуствувале само четворица. Останатите земји биле претставувани од пониско рангирани политичари.

Коронавирус