недела, 24. јануари 2021. Вести денес: 55
home Вести

Заврши националната дебата во Франција за излез од кризата со „жолтите елеци“

Заврши националната дебата во Франција за излез од кризата со „жолтите елеци“

Францускиот премиер Едуар Филип денеска во Големата палата на Париз ќе го презентира првото резиме од Големата национална дебата, што беше иницирана од страна на претседателот на Франција, Емануел Макрон за излез на земјата од кризата со протестите на „жолтите елеци“, јави дописникот на МИА.

Во двата месеци на национални консултации во рамки на дебатата, според владата, се вклучиле 1,5 милиони Французи, за што биле потрошени 12  милиони евра.

Она што засега е јасно од изнесените мислења преку интернет платформата, писмата или пак на средбите во руралните или урбаните средини, е дека нема едногласност. На почетокот од дебатата главната тема беше враќањето во сила на данокот за богатството и референдумите по граѓанска иницијатива, што подоцна речиси и да исчезнаа, а се наметна еколошката транзиција, како и намалувањето на даноците, таксите и давачките.

Во резимето се појавуваат четири теми кои не беа предложени од страна на претседателот и тоа здравствено-социјалната интеграција, куповната моќ, бизнисот и вработувањето, образованието, како и приврзаноста кон територијата на која луѓето живеат.

Филип утре во врска со резимето ќе се обрати пред Националното собрание, а в среда и пред Сенатот, по што ќе следи парламентарна дискусија, но нема да има никакво гласање.

Макрон со конкретни предлози ќе треба да се појави дури идната недела, а според француските коментатори, овие мерки ќе бидат постепено откривани се до почетокот на летото.

Крајот на Големата национална дебата доведе и до намалување на масовноста на протестите на „жолтите елеци”. Така, учеството на демонстрациите на „жолтите елеци“ никогаш не било толку ниско од нивниот почеток на 17 ноември. На 21-та последователна сабота на протести пред два дена, ширум Франција излегоа околу 22.300 демонстранти, од кои 3.500 во Париз, наспроти 33.700 минатата сабота и 40.500 претходната сабота. Овие бројките се официјални податоци на француското Министерство за внатрешни работи, кои ги оспоруваат организаторите на протестите.

Коронавирус