петок, 31. март 2023. Вести денес: 136
home Вести

Започна обновата на оргулите во Нотр Дам

Започна обновата на оргулите во Нотр Дам

Во познатата црква Нотр Дам во Париз, вчера почна потфатот за подготовките за обновување и реставрација на симфониските оргули, кои меѓу другото, беа оштетени во пожарот од април минатата година.

Оргулите не биле зафатени со пламенот и претрпеле релативно мало оштетување од вода за време на гаснењето на пожарот. Инструментот притоа бил покриен и со доста прашина, а некои делови биле оштетени како резултат на екстремно високите температури во катедралата за време на пожарот.

Се очекува чистењето и обновата на скапоцениот инструмент да трае од 2021 до 2024 година, а само расклопувањето на 8.000 цевки и други делови може да трае до крајот на годинава.

– Реставрацијата на оргулите ќе биде еден вид „градилиште во градилиштето“… Овој процес е исклучително важен за севкупната обнова на катедралата, рече одговорниот стручњак за реконструкција на Нотр Дам, Жан-Луј Жоржелин.

Според него, инструментот би можел да биде подготвен за петгодишнината од пожарот, за кога и францускиот претседател Емануел Макрон вети дека ќе бидат завршени сите зафати околу обновата на Нотр Дам.