вторник, 22. септември 2020. Вести денес: 105
home Вести

Вонредна седница на СБ на ОН посветена на ситуацијата во Иран

Вонредна седница на СБ на ОН посветена на ситуацијата во Иран

Советот за безбедност на Обединети нации на барање на САД денеска ќе одржи вонредна седница во знак на поддршка на антивладините протести на Иран.

Земјите-членки на СБ на ОН се со поделени мислења за протестите во Иран, во кои загинаа најмалу 21 лице, а над 450 се уапсени.

Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли претходно изјави дека САД покренале иницијатива во седиштата на ОН во Њујорк и во Женева да се одржи дебата за ситуацијата во Иран. Таа ги поддржа демонстранти, истакнувајќи дека ОН мора јавно да го изнесе своето мислење и да ги поддржи протестите.

Заменик шефот на руската дипломатија Сергеј Рјабков оцени дека американскиот предлог за одржување вонредна седница на СБ на ОН за Иран е „штетен и деструктивен“. Тој ги обвини САД да сакаат да ја искористат постоечката ситуација да го поткопаат нуклеарниот договор со Техеран.

– Ги предупредуваме САД да не се обидуваат да се мешаат во внатрешните работи на Исламска Република Иран… Протестите во Иран се внатрешна работа и го привлекуваат вниманието на меѓународната јавност, наведе Рјабков.

Тој истакна дека СБ на ОН нема никаква врска со внатрешните процеси во Иран, како ниту во која било друга земја.

Претходно, иранскиот генерален обвинител Мохамед Џафар Монтазери ја обвини ЦИА дека е „главен креатор“ на протестите во Иран.

– Претставник на ЦИА ја предводеше операцијата, која ја поддржаа Израел и Саудиска Арабија. ЦИА планираше протестите да ги претвори во вооружен бунт во средината на февруари, на годишнината на Исламската револуција, наведе Монтазери.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп негира каква било вмешаност во протестите во Иран, а ЦИА одби да коментира таквите обвинувања.

И Ајатолахот Али Хамнеи и претседателот Хасан Рохани претходно ги обвинија „непријателите на Иран“ – САД и Израел за поттикнување на масовните протести.

Неименуван американски висок претставник во средата негираше дека САД се вмешани во немирите во Иран, потенцирајќи дека протестите „во целост биле спонтани“.

Протестите во Иран почнаа на 28 декември во Машхад и набрзо се проширија во другите градови, но во средата Иранската револуционерна гарда прогласи крај на антивладините протест. По прогласот на Гардата има помалку вести за протестите, но се уште не е познато дали тие навистина завршија или пак иранските власти ги блокираат социјалните мрежи со цел да ги оневозможат демонстрантите да поделат нови слики од протестите.

Коронавирус