сабота, 23. јануари 2021. Вести денес: 56
home Вести

Војната во Етиопија почна да се прелева кон соседите, кон Судан бегаат најмалку 20.000 лица

Војната во Етиопија почна да се прелева кон соседите, кон Судан бегаат најмалку 20.000 лица

Смртоносниот вооружен конфликт меѓу централната влада на Етиопија и нејзиниот непослушен северен регион Тиграј од вчера почна да се прелева надвор од границите на земјата, откако неколку илјади лица избегаа во Судан, заедно со мал број војници кои побараа заштита, додека регионалниот лидер на Тиграј ја обвини Еритреја за напад врз нив на барање на сојузната влада на Етиопија.

Добитникот на Нобеловата награда за мир, етиопскиот премиер Абиј Ахмед, ги отфрли меѓународните барања за дијалог со лидерите на Тиграј, изјавувајќи дека нема да има преговори се додека не заврши „операцијата за спроведување на законот“. Тој се обидува да ги уапси шефовите на регионалната влада кои неговата администрација ја сметаат за незаконска и сака да го уништи нивниот добро наполнет арсенал од оружје и муниција.

Иако Велика Британија и Африканската унија веднаш побараа деескалација, Абиј вети дека армијата брзо ќе ги запре борбите. Но, експертите предупредуваат дека конфликтот може да се развлече и да ја дестабилизира земјата, која е една од најмоќните во Африка.

Приливот на бегалци е првиот видлив знак на растечката хуманитарна криза што погодува милиони луѓе во срцето на „Африканскиот рог“. Тиграј беше целосно отсечен од светот по речиси еднонеделниот прекин на сите комуникации и најавата на Абиј за воена офанзива, како владин одговор на наводниот напад врз воена база.

Обединетите нации и нивните партнери во Судан, барем засега, се подготвуваат за 20.000 бегалци.

Досега е објавено дека се убиени стотици лица на двете страни од конфликтот, изјави еден дипломат во главниот град Адис Абеба. Засега е тешко е да се потврдат тврдењата на која било од двете страни, кога и двете си разменуваат обвиненувања за поттикнување конфликт.

Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб се приклучи на притисокот врз премиерот Абиј, затоа што во разговорот со него го повикал на деескалација.

Претседателот на Комисијата за африканска унија, Муса Факи Махамат, повика на итен прекин на огнот и понуди поддршка за „меѓуетиопските напори за барање мир“.

Најмалку 3.500 бегалци, вклучувајќи жени и деца, пристигнаа во суданската провинција Касала, за американските меидуми изјави шефот на локалната агенција за бегалци, Ал-Сир Калид.

-Другите се уште се на пат, додаде тој.

Најмалку 30 вооружени етиопски војници им се придружија на бегалците кои бегаат во Судан, јави државната агенција СУНА. Судански воен претставник изјави дека тие се предале и побарале заштита бидејќи борбите се водат преку границата.

Судан, кој испрати над 6.000 војници на границата, е под притисок на меѓународната заедница да помогне во воспоставувањето мир.

Еритреја, која долго време се судира со регионалната влада на Тиграј – „Народниот ослободителен фронт на Тиграј“ (ТПЛФ), стана поголем предизвик во тој конфликт.

Лидерот на Тиграј, Дебрецион Гебремихаел, тврди дека Еритреја „почнала воена акција“ и пукала со тешко оружје кон Хумера, во Тиграј, во близина на границата со Еритреја и Судан.

-Затоа, војната сега влезе во својата втора фаза, рече тој, а еритрејските власти не одговорија на ова.

ТПЛФ некогаш доминираше во централната коалициска влада на Етиопија. Чувствувајќи се маргинализирана од политичките реформи на Абиј, од неговото стапување на должноста во 2018 година, ТПЛФ минатата година се отцепи од остатокот на земјата, а потоа ја налути сојузната влада со одржување на локални избори во септември, иако националните избори беа одложени за следната година.

Дипломатите и другите тврдат дека конфликтот во Тиграј може да ги дестабилизира и другите делови на Етиопија, држава со 110 милиони луѓе, што ја прави втора по население во Африка. Етиопија има многу етнички групи, а нејзините други региони бараат поголема автономија. Некои експерти предупредуваат на натамошно распаѓање на земјата, веќе погодена од смртоносно меѓуетничко насилство.

Коронавирус