вторник, 26. јануари 2021. Вести денес: 170
home Вести

Воена вежба на иранската армија

Воена вежба на иранската армија

Иран ја почна годишната воена вежба на противвоздушната одбрана во северниот дел на земјата.

Генерал Хабибил Сајари изјави дека во вежбата учествуваат и припадници на Револуционерната гарда, како и дека се користи муниција произведена  во Иран.

Почетокот на воената вежба се совпаѓа со вториот пакет американски санкции откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од мултилатералниот договорот во мај годинава. Санкциите се однесуваат на транспортниот, финансискиот и енергетскиот сектор на Иран.

Официјален Техеран најави дека нема да ги почитува американските санкции.

– Америка сакаше да ја сведе продажбата на иранска нафта на нула… но ние ќе продолжиме да продаваме нафта… да ги кршиме санкциите, изјави иранскиот претседател Хасан Рохани.

Со санкциите на САД ќе се казнуваат и државите кои ќе продолжат да увезуваат иранска нафта, како и странските компании кои соработуваат со ирански фирми од така наречената црна листа. За сега, осум неименувани држави ќе бидат изземени и ќе им се овозможи привремен увоз на иранска нафта без американски санкции.

Според американски претставници, санкциите ќе важат се додека Иран не престане да го поддржува тероризмот, се повлече од Сирија и целосно ја укине Програмата за развој на нуклеарно оружје и балистички ракети.

Американските санкции ги поздрави Израел, додека Европска Унија, Франција, Германија и Велика Британија претходно во заедничко соопштение порачаа дека жалат поради таквата одлука на Вашингтон.

МИА

Коронавирус