четврток, 25. февруари 2021. Вести денес: 103
home Вести

Во светот досега се искористени над 40 милиони дози вакцини против корона вирус

Во светот досега се искористени над 40 милиони дози вакцини против корона вирус

Повеќе од 40 милиони дози вакцини против Ковид- 19 се искористени досега во светот во трката кон имунитетот на коронавирусот, во која води Израел, покажуваат податоците објавени денеска од Франс прес, пренесува Хина.

До денеска, најмалку 60 земји и територии, каде живеат 61 процент од светската популација, започнаа кампањи за вакцинација. Но, во 11 држави се концентрирани 90 проценти од употребените дози.

До средината на денот, администрирани се најмалку 40.062,825 дози, според официјалните извори собрани од Франс прес. Тој број сигурно е значително поголем бидејќи големите земји како Кина, САД и Русија не ги ажурираа своите податоци последните денови, посочува агенцијата.

Израел убедливо отиде најдалеку со вакцинирањето, со 2,43 милиони дози и 2,12 милиони луѓе вакцинирани, или 24,5 проценти од населението. Околу 3,6 проценти од Израелците веќе ги добиле двете дози потребни за оптимална заштита.

САД водат според апсолутната бројка, со 12,28 милиони дози за 10,60 милиони луѓе (3,2 проценти од населението) пред Кина, каде се користени повеќе од 10 милиони дози.

Во Европа, Велика Британија прва почна со вакцинација на почетокот на декември, каде што се инјектирани 4,31 милиони дози и 3,85 милиони луѓе (5,7 проценти) беа вакцинирани.

Велика Британија денеска соопшти дека ја проширува својата кампања за вакцинација на лица над 70 години, а досега возраста за луѓето кои припаѓаат на приоритетната група беше 80 години.

Зад Велика Британија се две земји од Европската унија, Италија и Германија. Земјите од Унијата досега искористија повеќе од пет милиони дози за околу 1,2 проценти од населението на ЕУ, каде доминира Данска со 2,9 проценти. Во Франција вакцинирани се 0,6 проценти од населението.

Вакцините на Фајзер/Бионтек (американско-германска) и на Модерна (американска) доминираат во Северна Америка, Европа, Израел и земјите од Заливот.
Британската вакцина на АстраЗенека е доминантна во Велика Британија и Индија, која исто така користи и локална вакцина развиена од Барат Биотек.

Вакцината Спутник V од руската лабораторија Гамалеја се користи во Русија и Аргентина, Белорусија и Србија.

Покрај Кина, кинеската вакцина се користи во Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Сејшелите и Јордан и вакцината на лабораторијата Синовак во Индонезија, Бразил и Турција.

Коронавирус