среда, 27. октомври 2021. Вести денес: 151
home Вести

Во океаните досега има 1,56 милијарди маски, последиците врз морскиот живот се многу тешки

Во океаните досега има 1,56 милијарди маски, последиците врз морскиот живот се многу тешки

Се проценува дека 1,56 милијарди заштитни маски завршиле во океаните ширум светот годинава поради пандемијата на Ковид-19, што има сериозни последици врз морските животни и растенија, покажа извештајот на една организација за заштита на морињата.

Организацијата „Океани Азија“ (Oceans Asia) со седиште во Хонг Конг објави извештај кој покажува дека морскиот свет е загаден со дополнителни 4.680 до 6.240 тони пластика поради неправилно фрлени маски.

Во извештајот се наведува дека се потребни 450 години за да се разградат маските, и оти дури и тогаш, микропластиката ќе им наштети на морскиот свет и на екосистемот.

Како што е наведено, поради пандемијата имало значително почеста употреба на пластика за еднократна употреба, како опрема за лична заштита, пакувања на хигиенски производи и набавка на храна за носење.

Во исто време, мерките создадени за намалување на потрошувачката на пластика, како што се забрана за пластични кеси за еднократна употреба, се „одложени, паузирани или укинати“.

Загадувањето со пластика секоја година убива околу 100.000 морски цицачи и желки, повеќе од еден милион птици, па дури и поголем број риби, безрбетници и други животни, соопшти организацијата Океани Азија.

Во документот се додава дека сето тоа има негативно влијание врз риболовот и туризмот, а глобалната економија ја чини околу 13 милијарди американски долари годишно.

Извештајот предлага употреба на заштитни маски за повеќекратна употреба и информирање на јавноста за правилно отстранување на отпад.

Локални избори 2021