сабота, 16. октомври 2021. Вести денес: 84
home Вести

Во Франција има 150 познати кластери на епидемијата на коронавирусот

Во Франција има 150 познати кластери на епидемијата на коронавирусот

Француските власти тврдат дека епидемијата на коронавирусот е под контрола. Од 2 јуни земјата почна со широки мерки за излегување од строгата изолација, но, сепак, има регистрирани 150 кластери и оваа бројка се зголемува, што зборува дека вирусот и натаму циркулира меѓу населението, јави дописникот на МИА.

Од крајот на изолацијата, епидемиолошките жаришта се предмет на зголемен надзор од страна на здравствените власти. Кластерите со Ковид-19 се наведени во неделниот епидемиолошки билтен издаван од Санте Франс. Од 11 мај во земјата има регистрирано 150 жаришта, во што не се вклучени старските домови и потесните семејни кругови, а од нив 142 се на европската територија на Франција. Буш-ди-Рон, Норд и Долна-Рин се трите департмани во кои има најголем број од овие групирани случаи, што главно се во здравствени установи, фирми и социјални центри за сместување и вклучување во општеството.

Бројот на откриени кластери секоја недела се зголемува, што е знак дека вирусот продолжува да циркулира на територијата. Иако не постои универзална дефиниција, француското јавно здравство утврди дека за кластер се зборува со „појавата на најмалку три потврдени или веројатни случаи, во период од седум дена и кои припаѓаат на истата заедница или учествувале на ист собир на луѓе, без разлика дали се познаваат или не “.

Националната здравствена агенција уверува дека во земјата не е пријавен ниту едно неконтролирано ширење на вирусот. речиси 40 отсто од идентификуваните кластери се веќе или под контрола или се затворени, што, според неа, е доказ дека функционира системот за броз известување и откривање на овие жариша и овозможува да се прекинат синџирите за пренесување на новиот коронавирус.

Коронавирус