четврток, 15. април 2021. Вести денес: 68
home Вести

Велика Британија доби регулатор за дигиталните платформи, како Фејсбук и Гугл

Велика Британија доби регулатор за дигиталните платформи, како Фејсбук и Гугл

Британската Влада формира регулатор за дигиталните компании, како што се Фејсбук и Гугл, што во првата фаза треба да испита дали преку кодекс на однесување може да се подобри рамнотежата на моќта меѓу дигиталните платформи и медиумските компании.

Одделот за дигитални пазари (ДМУ), во рамките на Дирекцијата за заштита на конкуренцијата и пазарот, е формиран за да ги блокира можните обиди на големите технолошки компании да ја злоупотребат доминантната позиција на пазарот, откако регулаторот утврди дека постојните прописи се недоволни.

Британските медиуми пренесуваат дека моќта и опсегот на компаниите во високотехнолошкиот сектор растат побрзо од можноста на владите да ги контролира.

Контурите на задачата ги откри во февруари одмерувањето на силите меѓу Фејсбук и австралиската Влада околу плаќањето на локалните вести. Компанијата реагираше на најавата на законот со кој владата сакаше на медиумите да им обезбеди посилна позиција во преговорите блокирајќи ги информативните содржини на Фејсбук, потсетуваат британските медиуми.

Британскиот секретар за дигитални компании, Оливер Доуден, изјави дека го замолил новоформираниот регулатор да испита како кодексот може да ги регулира односите меѓу платформите и креаторите на содржини, како што се издавачите на вести, за да биде што е можно поправеден и поразумен.

-Ова ќе го отвори патот за развој на нови дигитални услуги и пониски цени, на потрошувачите ќе им обезбеди поголем избор и контрола врз нивните податоци и ќе ги поддржи вестите што се важни за слободата на изразување и за нашите демократски вредности, нагласи владиниот претставник.

Одделот е основан откако CMA минатата година заклучи дека Гугл има многу голема пазарна улога во пребарувањето и рекламирањето преку резултатите од пребарувањето, а Фејсбук е значителна пазарна сила во сегментот на социјалните медиуми и дигиталното рекламирање.

Одделот, исто така, ќе се координира со меѓународните партнери кои обидуваат да ги регулираат технолошките компании, соопшти официјален Лондон.

Коронавирус