четврток, 20. јануари 2022. Вести денес: 38
home Вести

УНВТО: Светскиот туризам до крајот на годинава може да опадне до 80 отсто

УНВТО: Светскиот туризам до крајот на годинава може да опадне до 80 отсто

Меѓународниот туризам е погоден од пандемијата на коронавирусот, а до крајот на годинава бројот на меѓународни пристигнувања на туристи би можел да се намали за дури 80 проценти, проценува Агенцијата за туризам на ООН.

Во првиот квартал, бројот на меѓународни туристички пристигнувања поради пандемијата веќе опадна за 22 проценти, или 67 милиони, според новиот туристички барометар на Светската туристичка организација на ООН (УНВТО).

Само во март, тој беше намален за 57 проценти бидејќи многу земји воведоа ограничувања за движење и патувања.

Падот на пристигнувањата во првите три месеци од оваа година значи 80 милијарди американски долари изгубен извоз, покажува студијата на УНВТО.

Состојбата во туристичкиот сектор може уште повеќе да се влоши, велат од Агенцијата.

Доколку се укинат ограничувањата за патувања на почетокот на јули, бројот на туристи може да падне за 58 проценти оваа година, тврди УНВТО.

Ако, пак, бидат укинати на почетокот на септември, тие би паднале 70 проценти, а доколку траат до почетокот на декември, тие ќе се намалат за 78 проценти.

Доколку се исполнат ваквите предвидувања, приходите на милиони луѓе кои живеат од туризмот ќе бидат доведени во прашање, велат авторите на студијата.

– Светот се соочува со невидена здравствена и економска криза, изјави генералниот секретар на УНВТО, Зураб Пололикашвили.

„Туризмот е сериозно засегнат и милиони работни места се изложени на ризик во сектор што е меѓу најинтензивните во економијата“, заклучува УНВТО во студијата. паг/

Коронавирус