недела, 27. септември 2020. Вести денес: 29
home Вести

УНИЦЕФ: Во следните две години вакцина против коронавирусот ќе произведуваат 28 компании во светот

УНИЦЕФ: Во следните две години вакцина против коронавирусот ќе произведуваат 28 компании во светот

Во следните две години 28 компании од десет земји можат да произведат огромни количества вакцина против коронавирусот, соопшти УНИЦЕФ, откако потврди дека ќе помогне во управувањето со нивната набавка и дистрибуција.

УНИЦЕФ соопшти дека 28 фармацевтски компании потврдиле дека во следните две години ќе бидат вклучени во производството на вакцината против Ковид-19, пренесуваат британските медиуми.

Производителите, меѓутоа, посочуваат дека проекциите за производство на вакцини во следните две години во голема мера, меѓудругото, ќе зависат од успехот на клиничките испитувања, склучените договори за купување, потврденото финансирање и поедноставување на регулаторните процедури.

Улогата на УНИЦЕФ во управувањето со набавката и дистрибуцијата на вакцините е дел од програмата „Ковакс“ за развој на вакцина, во која во моментов учествуваат 76 нации.

Во својата нова улога во рамките на програмата „Ковакс“, УНИЦЕФ е вклучен во купувањето и еднаквата дистрибуција на вакцината за коронавирус. Оваа агенција на Обединетите нации секоја година набавува повеќе од две милијарди вакцини за рутинска имунизација во речиси 100 земји во светот. (МИА)

Коронавирус