сабота, 26. септември 2020. Вести денес: 66
home Вести

УНЕСКО: Драматично зголемено насилството врз новинарите на протестите низ светот

УНЕСКО: Драматично зголемено насилството врз новинарите на протестите низ светот

Драматично е зголемено насилството врз новинарите што известуваат од протести ширум светот, а полицијата и безбедносните сили се главните сторители, информира денеска УНЕСКО. Оваа агенција на ОН, меѓу јануари и јуни годинава, регистрирала 21 протест во кој новинари се нападнати, апсени или убиени.

Нападите се дел од поширокиот тренд во изминатите пет години во кој полицијата и безбедносните сили употребуваат прекумерна сила, се додава во извештајот на Агенцијата.

Меѓу 2015 и 2020 година убиени се најмалку десет новинари, а 125 биле нападнати или уапсени, се наведува во извештајот на УНЕСКО што ја опфаќа состојбата во 65 земји.

Убиените новинари работеле во Сирија, Мексико, Израел, Никарагва, Северна Ирска, Нигерија и Ирак.

Генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулај, денеска ги повика владите да осигурат новинарите да можат својата работа да ја извршуваат без страв за сопствената безбедност.

-Новинарите имаат клучна улога во известувањето и информирањето на граѓаните за протестите, па затоа ја повикуваме меѓународната заедница и сите релевантни институции да обезбедат почитување на овие основни права, кажа Азулај.

УНЕСКО смета дека причините за протестите се економската нееднаквост, корупцијата, кршењето на политичките слободи, растечкиот авторитаризам, па затоа некои влади и не се заинтересирани за објективно информирање. (МИА)

Коронавирус