сабота, 25. септември 2021. Вести денес: 100
home Вести

Убиен новинар на Ројтерс додека известувал, бил добитник на Пулицерова награда

Убиен новинар на Ројтерс додека известувал, бил добитник на Пулицерова награда

Новинарот на Ројтерс, Даниш Сидики е убиен денеска додека го следеше судирот меѓу авганистанската армија и талибанците во близина на граничниот премин со Пакистан, објави авганистански командант.

Авганистанските специјални единици се бореа против талибанците да ја преземат контролата врз пазарот во Спин Болдак кога Сидики и висок авганистански командант беа убиени.

Според официјален претставник, истрелите биле од талибанците.

Сидики од оваа недела беше со авганистанските специјални единици во јужната провинција Кандахар, известувајќи за борбите со талибанците.

„Итно бараме дополнителни информации и соработуваме со покраинските власти“, се наведува во соопштението на претседателот на Ројтерс, Мајкл Фриденберг и главната уредничка Алесандра Галони.

„Даниш беше извонреден новинар, посветен сопруг и татко и сакан колега. Нашите мисли се со неговото семејство во ова страшно време”, се додава во соопштението.

Претходно во петокот, Сидики изјави дека е ранет од шрапнел во раката. Тој се опоравуваше кога Талибанците се повлекоа од борбите во Спин Болдак.

„Тој разговараше со трговците кога талибанците повторно нападнаа“, изјави официјален претставник на авганистанските сили.

Ројтерс не беше во можност да ги потврди деталите за обновените борби опишани од анонимниот службеник.

Сидики беше член на тимот на фотографи на Ројтерс, кој во 2018 година ја доби Пулицеровата награда за документирање на бегалската криза во Рохинџите. Тој е фотограф на Ројтерс од 2010 година и ги следеше војните во Авганистан и Ирак, протестите во Хонг Конг и земјотресите во Непал. (МИА)

Коронавирус