сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 84
home Вести

Турција почнува со изградба на првата нуклеарна централа, Ердоган и Путин го поставија камен темелникот

Централата ќе задоволува 10 отсто од потребите на Турција за електрична енергија и ќе обезбеди постојано вработување за 3.500 лица
Турција почнува со изградба на првата нуклеарна централа, Ердоган и Путин го поставија камен темелникот

Претседателите на Турција и Русија, Реџеп Тајип Ердоган и Владимир Путин денеска преку видео конференција го означија стартот на изградбата на првата турска нуклеарна централа „Акују“.

Во обраќањето до присутните на церемонијата на поставување на камен темелникот на нуклеарката, претседателот на Русија изјави дека би сакал првиот од вкупно четирите енергетски блока да биде пуштен во употреба во 2023 година.

Копчето со кое беше означен стартот на истурањето бетон во темелите на централата, го притисна турскиот министер за развој Љутфи Елван.

„Акују“, за чија изградба Турција и Русија потпишаа договор во 2010 година, се наоѓа во близина на пристаништето Мерсин на брегот на Средоземното Море. Централата, која ќе ја гради руската државна компанија „Росатом“, ќе има четири енергетски блока со моќност од по 1.200 мегавати.

Кога ќе биде завршена, нуклерната централа со полн капацитет ќе произведува 35 милијарди киловати часови електрична енергија, кои ќе можат да ги задоволат целокупните потреби на Истанбул со струја.

Турските фирми ќе учествуваат со 35 до 40 отсто во проектот, кој според пресметките на националната економија на Турција ќе и донесе приход од шест до осум милијарди долари.

Централата ќе задоволува 10 отсто од потребите на Турција за електрична енергија и ќе обезбеди постојано вработување за 3.500 лица.

Првиот блок на „Акују“ се очекува да започне со производство на електрична енергија во 2023 година, а останатите ќе бидат воведени во употреба во интервал од една година. 

Путин денеска допатува во дводневна посета на Турција и беше пречекан од Ердоган на официјална церемонија во претседателската палата во Анкара.

Во состав на руската делегација, покрај Путин, се и шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, неколкумина други министри и претставници на енергетскиот сектор.

МИА

Коронавирус