вторник, 13. ноември 2018. Вести денес: 118
home Вести

Трговска војна меѓу Белгија и Колумбија поради замрзнат помфрит

Трговска војна меѓу Белгија и Колумбија поради замрзнат помфрит
SONY DSC

Белгија побара помош од Европската Унија откако Колумбија отвори антидампинг истрага за увозот на замрзнати компири од неколку европски земји.

Истрагата е започната на 1 ноември и би можела да доведе до воведување нови царини врз овој клучен производ за белгиската економија.

Белгија е најголемиот извозник на замрзнат компир во светот со 2,2 милиони тони во 2017 година и новите колумбиски рестриктивни мерки би можеле да имаат значајни последици за белгиските производители.

Поради ова белгискиот министер за надворешни работи Дидие Рејндерс, побара досието да се стави на масата на денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ посветен на трговијата. Германија и Холандија стојат зад белгиското барање, бидејќи и нивните компании се засегнати од колумбиските мерки.

– Со ваквите мерки на трговска заштита сакаме да ги вратиме условите на конкурентност на пазарот и да ги корегираме дисторизиите на домашниот пазар, изјави помошник-министерката за надворешна трговија на Коломбија, Лаура Валдивезо Хименез.

Европската комисија вчера посочи дека ќе ги поддржи европските производители.

– Им понудивме поддршка и придружба на засегнатите европски производители, како што е случај секогаш кога се отвора антидампинг истрага против европски производи, изјави портпарол на ЕК.

ЕУ и Колумбија склучија трговски договор во 2013, чија цел е постепена либерализација на пазарите на двете страни. Но, Богота се жали дека оттогаш колумбискиот пазар е преплавен со европски замрзнат помфрит, што има сериозни последици врз домашните прозиводители на компири.

Со оглед на тоа дека европските компании имаат поголем капацитет на производство, цените на европскиот замрзнат компир се пониски и ја ставаат во опасност колумбиската национална агроиндустрија, оценува Владата во Богота. 

МИА