сабота, 5. декември 2020. Вести денес: 26
home Вести

Трамп: Коронавирусот ќе попушти до април „поради жештините“

Трамп: Коронавирусот ќе попушти до април „поради жештините“

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека коронавирусот, тешко заразно респираторно заболување од кое досега починаа над 900 лица, претежно во Кина, ќе попушти „до април, поради жештините“.

Во обраќање до новинарите во Белата куќа, претседателот укажа дека од Кина добил увереност дека епидемијата на вирусот ќе заврши во април.

-Општо кажано, жештината убива таков тип на вирус, тоа би било добро нешто, изјави тој.

Ја пофали Кина и нејзиниот лидер за напорите во справување со ширење на болест. Укажа и дека САД одлично се справувааат во борбата против вирусот.

Според досегашните искуства, овие болести од типот на грип навистина се активни кога времето е ладно и суво и се повлекуваат кога се стоплува. Истото може да се случи и со коронавирусот.

Но, тврдењето на Трамп е во спротивност со мислењето на американските експерти кои порачуваат да не се прогнозира за насоката во која ќе се движи епидемијата.

-Проблемот е во тоа што не знаеме, изјави Антони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и инфекциски заболувања.

Тој укажа дека е погрешно да се даваат какви било прогнози затоа што постојат многу непознаници. Според него, најповолното сценарио би било Кина да ја заапре заразата и нејзиното ширење во странство.

-Сепак, Кина можеби нема да се справи, но и да успее, вирусот може да се пренесе во земји кои немаат ресурси да го детектираат и да се изолираат новите случаи, изјави Фаучи.

Според податоците на здравствените служби на САД, бројот на заболени лица во земјата е 12, и таа цифра не е променета од минатата недела. Уште 68 поединци чекаат резултати од анализи, а болеста не се потврди кај 318 осомничени случаи на зараза.

Во моментов само во Кина, од каде на почетокот на годинава се прошири болеста, од новиот коронавирус досега починаа 908 лица, помеѓу нив се двајца странски државјани. Бројот на заразени случаи е повеќе од 40,1 илјада, претежно во Кина и во неколку други земји.

Коронавирус