вторник, 25. февруари 2020. Вести денес: 49
home Вести

Трамп ќе го објави мировниот план за Блискиот Исток пред посетата на Нетанјаху на САД

Трамп ќе го објави мировниот план за Блискиот Исток пред посетата на Нетанјаху на САД

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека долгоочекуваниот блискоисточен мировен план ќе го објави пред посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Вашингтон следната недела.

Во изјава за новинарите во претседателскиот авион на пат кон политички настан во Мајами, Трамп рече дека Палестинците можеби првично ќе реагираат негативно на неговиот план, но оти ќе имаат корист од него.

– Тоа е одличен план. Тоа е план кој навистина ќе функционира, рече Трамп, кој во вторник ќе се сретне со Нетанјаху во Белата куќа.

Претходно во Ерусалим, потпретседателот на САД Мајк Пенс објави дека Нетанјаху и неговиот главен политички ривал Бени Ганц, наскоро ќе го посетат Вашингтон за да разговараат за „мировните можности“ со Палестинците.

Пенс ова го изјави по состанокот со Нетанјаху, кој покрена шпекулации дека Белата куќа конечно се подготвува, по извесно одложување, да го открие долгоочекуваниот мировен план за Блискиот исток.

Тој рече дека претседателот Доналд Трамп му рекол да го покани Нетанјаху да дојде во Белата куќа следната недела за да разговараат за „регионални прашања и мировни перспективи во Светата земја“.

Нетанјаху побара и Ганц да биде поканет, рече Пенс, додавајќи дека двајцата се согласиле да дојдат.
Нетанјаху изјави дека со задоволство ја прифатил поканата.

– Немаме подобар пријател од претседателот Трамп. Со овој повик, верувам дека претседателот сака да му понуди на Израел мир и безбедност што ги заслужува, рече израелскиот премиер.