вторник, 18. јануари 2022. Вести денес: 111
home Вести

Трамп го смени главниот разузнавач кој ја водеше истрагата за неговото отповикување

Трамп го смени главниот разузнавач кој ја водеше истрагата за неговото отповикување

Во писмо до американските законодавци, претседателот на САД Доналд Трамп најави дека ќе го разреши од функцијата генералниот инспектор на разузнавачките служби Мајкл Аткинсон, пишува весникот „Њујорк тајмс“.

Трамп одлучи да го разреши Аткинсон поради недоверба во него, се наведува во писмото испратено до Адам Шиф, претседател на Комисијата за разузнавање при Претставничкиот дом и Девин Нунс, републиканец од таа Комисија.

– Важно ми е да имам доверба во вршителот на должноста генерален инспектор. Тоа веќе не е случај со овој генерален инспектор, напиша Трамп.

Шиф ја оцени смената на Аткинсон како „бесрамен обид за нарушување на независноста на разузнавачката заедница и одмазда кон оние кои се осмелуваат да ги разоткријат криминалите на претседателот“.

Аткинсон минатата есен го информираше Конгресот за поплаки од свиркачи поради активностите на американскиот претседател во Украина, што иницираше започнување постапка за импичмент на Трамп.

Според „Њујорк тајмс“, еден претставник на администрацијата на Трамп, кој инсистирал на анонимност, укажал дека судбината на Аткинсон била запечатена веднаш по завршувањето на постапката за отповикување во Конгресот.

Американските закони му овозможуваат на шефот на државата да го смени генералниот инспектор на разузнавачките служби еден месец откако ќе ги извести безбедносните структури за својата намера.

Коронавирус