четврток, 24. септември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Трамп ги налути Французите и Британците со изјавата за насилството во нивните земји

Трамп ги налути Французите и Британците со изјавата за насилството во нивните земји

Поранешниот француски претседател Франсоа Оланд денеска гневно реагираше по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за високите стапки на насилство и тероризам во Европа. Трамп зборуваше на конференција на американската асоцијација за оружје НРА во Далас, Тексас, при што рече дека, иако граѓаните во Европа немаат лесен пристап до огнено оружје, сепак имаат високи стапки на криминални пресметки со ножеви, терористички напади со камиони и други видови насилство.

Франција, која беше цел на повеќе исламистички напади во кои се користеше илегално набавено автоматско оружје и камиони, се најде особено прозвана.

– Срамните изјави и непристојните прозивања на Доналд Трамп се показател за тоа какво е неговото мислење за Франција. Пријателството меѓу нашите два народи нема да биде помрачено од непочитта. Јас им изразувам сочуство на жртвите од 13 ноември, изјави поранешниот претседател Оланд, алудирајќи на серијата напади врз Париз во 2015 година, во кои беа убиени 137 лица, а над 400 беа ранети. Трамп изјави дека, доколку терористичка група се обидеше да изврши сличен напад во рестораните или концертните сали на некој американски град, за кусо време ќе беа застрелани од легално вооружени американски граѓани.

И лекари од Британија реагираа по изјавата на Трамп дека британските болници наликувале на бојно поле поради секојдневните жртви од криминални пресметки со ножеви. Доктор Мартин Грифитс од Кралската болница во Лондон се понуди да го пречека Трамп во болницата за време на неговата посета на Британија во јули, за да му покаже дека болниците не се соочуваат со голем број прободени жртви.

МИА

Коронавирус