среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 0
home Вести

Тереза Меј преживеа со само 19 гласа разлика

Тереза Меј преживеа со само 19 гласа разлика

Пратениците во британскиот Парламент изгласаа денеска доверба на конзервативната премиерка Тереза Меј и покрај тоа што ден претходно нејзиниот план за брегзит претрпе историски пораз.

Гласањето недоверба побарано од Лабуристичката партија не помина во Парламентот откако тие приврзаници добија 306 гласови наспроти 325 „против“.

Кабинетот на Меј „преживеа“ благодарение на пратениците од нејзината Конзервативна партија и од малата северноирска Демократска унионистичка партија кои обезбедија мнозинство за неа во Долниот дом на Парламентот.

Меј изјави дека уште вечерва ќе има средба со лидерите на опозицијата во обид да се издејствува консензус како да биде изведен брегзит.
Сега таа ќе треба да ги продолжи разговорите со партиите за да се избегне хаос и да не се стигне до нов референдум за членството на Велика Британија во ЕУ.

Меј доживеа вчера пораз на клучното парламентарно гласање за нејзиниот договор со кој Велика Британија треба да ја напушти Европската унија.

Со убедливо мнозинство – 432 „против“ и 202 „за“, Долниот дом на Парламентот го отфрли договорот со Европската унија за напуштање.

Веднаш по гласањето, лидерот на опозицијата, Џереми Корбин изјави дека Лабуристите бараат гласање недоверба на владата на Меј.

За да добиеше поддршка договорот во Парламентот, Меј требаше да има зад себе 318 пратеници – сите нејзини сопартијци и плус еден.