вторник, 27. октомври 2020. Вести денес: 13
home Вести

Телефонски разговор Пашинјан-Гутереш: Турција има пристрасна позиција во акциите на Азербејџан

Телефонски разговор Пашинјан-Гутереш: Турција има пристрасна позиција во акциите на Азербејџан

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан телефонски разговараше со генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш за состојбата во спорниот регион Нагорно Карабах, соопшти синоќа прес-службата на ерменската Влада.

„Никол Пашинјан подвлече дека сегашната ескалација, за разлика од изминатите години, се карактеризира со многу активна и пристрасна позиција на Турција и нејзино директно дестабилизирачко присуство во акциите на Азербејџан“, се вели во соопштението.

Како што пренесува агенцијата ТАСС, Гутереш изразил длабока загриженост за актуелната криза и случувањата, посочувајќи на потребата од продолжување на мировниот процес во рамките на групата на ОБСЕ од Минск.

Шефот на ОН разговараше и со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, повикувајќи на итен прекин на огнот во Нагорно Карабах.

Претходно, ерменското Министерство за надворешни работи тврдеше дека „турски инструктори војуваат“ во Нагорно Карабах од азербејџанска страна. Покрај тоа, соопштено е дека има докази дека Анкара регрутира платеници „во некои земји од Блискиот исток“.

Портпаролот на генералниот секретар на ООН, Стефан Дижарик изјави дека организацијата не може самостојно да ја потврди вистинитоста на ова тврдење дека Турција се меша во конфликтот околу Нагорно Карабах и повика да одобри пристап до набљудувачката мисија на ОБСЕ во зоната на конфликтот.

Баку на 27 септември соопшти дека Ерменија ги гранатирала позициите на азербејџанската армија, а Ереван тврди дека азербејџанските вооружени сили започнале офанзива кон Нагорно Карабах, гранатирајќи ги регионалните населби, вклучително и главниот град Степанакерт. Двете страни пријавија жртви, вклучително и цивили. И Ерменија и Азербејџан прогласија вонредна состојба и мобилизираа трупи.

Коронавирус