среда, 20. октомври 2021. Вести денес: 179
home Вести

Талибанците триумфално прошетаа по пистата на аеродромот во Кабул

Талибанците триумфално прошетаа по пистата на аеродромот во Кабул

Талибанците ја презедоа контролата на аеродромот „Хамид Карзаи“ во Кабул и со рафални истрели во воздух ја прославија победата.

Светот сигурно ја научи лекцијата и ова е момент на победа во која уживаме, рече портпаролот на талибанците.

Аеродромот, кој со денови служеше за евакуација на сојузниците, од утрово е целосно во рацете на талибанците, 17 дена откако влегоа во Кабул. Ова, исто така, значи дека талибанците сега имаат целосна контрола над Кабул.

Талибанските лидери утрово симболично прошетаа по пистата на аеродромот во Кабул и прогласија победа, пренесува Index.hr.

„Светот сигурно ја научи лекцијата и ова е момент на победа во која уживаме“, рече портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, во изјава за медиумите на пистата.

Талибанските претставници со своите мобилни телефони го снимаа празниот аеродром, опкружени со припадници на бунтовничките специјални сили.

„Оваа победа ни припаѓа на сите нас“, ја пренесува АФП изјавата на портпаролот на талибанците.

Тврдат дека Кабул ќе биде безбеден и дека сакаат добри односи со САД

Портпаролот на талибанците рече дека Кабул ќе биде безбеден и луѓето немаат потреба да се грижат.

Тој, исто така, рече дека групата сака да воспостави добри односи со САД, објави Хасан Хасан од „Њулајн“.

Според дописникот на „Њујорк тајмс“, Метју Аикинс, талибанските власти тврдат дека ќе го отворат аеродромот за неколку дена и дека во земјата ќе можат да влегуваат луѓе што претходно ќе добијат виза.

Забихула Муџахид, исто така, одржа говор на аеродромот пред целосно вооружената талибанска специјална единица.

„Ви честитам вам и на авганистанскиот народ. Сакаме нашата земја никогаш повеќе да не биде нападната. Сакаме мир, просперитет и вистински исламски систем“,

рече тој.
Тој им порача на борците да бидат „меки“ кон авганистанскиот народ.

„Би ве замолил да бидете многу внимателни како се однесувате кон своите луѓе. Овој народ страдаше многу. Авганистанскиот народ заслужува да се третира со љубов и сочувство. Затоа бидете нежни со нив. Ние сме нивни слуги и не треба да им се наметнуваме“,

им рече портпаролот на талибанските војници.

Како изгледаше Кабул по заминувањето на Американците

АП опиша како изгледаа моментите на преземање на аеродромот од страна на талибанците.

Возила се движеа напред-назад по единствената писта на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ на северната воена страна на аеродромот. Пред да се раздени, тешко вооружени талибански борци минаа низ воените хангари, покрај седумте хеликоптери CH-46 што ги користеше Стејт департментот при евакуација пред да биде прогласено дека е невозможно летање со нив.

Американците тврдат дека хеликоптерите што ги оставиле биле онеспособени, така што талибанците нема да можат да ги користат.

„Никогаш повеќе нема да летаат, никој нема да може да управува со нив“, рече генералот Кенет Мекензи и додаде дека биле онеспособени 73 авиони, но и 70 оклопни возила и 27 теренски возила.

Во вторникот, по ноќта во која талибанските борци триумфално пукаа во воздух, стражарите кои во моментот дежураа ги држеа љубопитните луѓе на далечина и оние што сè уште се надеваа дека ќе можат да полетаат.

„Ги нема и сега нашата земја е слободна, ние сакаме шеријат“

„По 20 години ги победивме Американците. Ги нема и сега нашата земја е слободна. Јасно е што сакаме. Сакаме шеријат, мир и стабилност “, рече Мохамед Ислам, талибански чувар на аеродромот во провинцијата Логар држејќи „калашников“ во рацете

Талибанците го прославија заминувањето на Американците со рафални истрели во воздух.

Локални избори 2021