вторник, 15. октомври 2019. Вести денес: 0
home Вести

Таа е министерка за здравје, а порачува: Јадете, пијте, пушете колку сакате

Таа е министерка за здравје, а порачува: Јадете, пијте, пушете колку сакате

Норвешката министерка за здравство Силви Листауг смета дека луѓето треба да се остават да јадат, пијат и да пушат колку што сакаат.

Таа предупредува дека пушачите станале “одметници“ во општеството.

-Моето сфаќање на јавното здравје е многу едноставно. Не мислам да бидам морален полицаец и да им зборувам на луѓето како да живеат, но имам намера да им овозможам да се информираат и самите да одлучат, порачува таа.

Листауг верува дека луѓето “треба да се остават да пушат, пијат и да јадат црвено месо колку што сакаат“.

-Властите можат да ги информираат, но луѓето и онака многу добро знаат што е здраво, а што не е, наведува таа.

Листауг смета дека бројни пушачи “се чувствуваат како отпадници, како да мораат да се кријат, а тоа е глупаво“.

-Иако пушењето не е добро бидејќи му штети на здравјето, возрасните луѓе мораат самите да одлучат што ќе прават, изјавила таа.

На овие ставови на министерката реагирала и Ана Лиса Риел, главната секретарка на норвешката „Лига против ракот“, која тврди дека ваквите изјави би можеле да му наштетат на јавното здравје.

Силви Листауг, член на десната Напредна странка, минатата година дала оставка на местото министер за правосудство откако лабуристите и христијанските демократи ги обвинила дека “правата на терористите им се поважни од националната сигурност“.

Тие партии го блокирале законот кој на властите ќе им овозможел да го одземат норвешкото државјанство на лицата осомничени за тероризам.

Христијанските демократи тогаш се заканиле дека доколку Листауг не се откаже од овој закон, тие ќе ја соборат владата, пренесува Би-Би-Си. (МИА)