сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 106
home Вести

СЗО: За една недела речиси два милиони новозаболени од Ковид-19

СЗО: За една недела речиси два милиони новозаболени од Ковид-19

Бројот на новозаболени од Ковид-19 во светот во периодот од 14 до 20 септември забележа раст од речиси два милиона, додека бројот на починати се зголеми за 37.700, соопшти синоќа Светска здравствена организација.

Според неделните податоци на СЗО, бројката на официјално потврдени случаи со новиот коронавирус се искачи над 30,6 милиони, што е за шест отсто повеќе во споредба со претходната недела.

До 20 септември од последици со Ковид-19 починаа 950.000 луѓе ширум светот.

Епидемиолошката ситуација и понатаму најсериозна е во Северна и во Јужна Америка, каде бројот на новозаболени минатата недела се зголемил за 38 проценти, а морталитетот се намалил за 22 отсто.

Речиси 770.000 новозаболени се регистрирани минатата недела со што вкупниот број изнесува 15,5 милиони лица. Во истиот период регистрирани се повеќе од 19.000 смртни случаи, со што вкупниот број на починати изнесува приближно 530.000 луѓе.

Околу 700.000 новозаболени се регистирани во земјите на Југоисточна Азија, каде вкупниот број изнесува 6,1 милиони, додека починале над 101.000 лица.

Во Европа е забележан најголем пораст на смртни случаи минатата недела. Повеќе од 4.000 луѓе починале, со што вкупната цифра на смртни случаи изнесува 230.000. Бројот на потврдени случаи со Ковид-19 во Европа достигна до 5,2 милиони, односно за седум дена се зголемил за околу 360.000.

Од 14 до 20 септември бројот на заболеми со Ковид-19 во Индија се зголеми за 646.000, за 273.000 во САД и за 213.000 во Бразил.

Најголем пораст на инфицирани во Европа се регистрирани во Франција – 67.000, потоа следи Шпанија со над 50.000 и Русија со повеќе од 40.000 заразени лица.

Во изминатата недела во Индија починаа над 8.000 луѓе, во САД – над 5.600, додека во Бразил забележани се над 5.300 смртни случаи.

Коронавирус