четврток, 3. декември 2020. Вести денес: 58
home Вести

СЗО: Повеќе од 10.000 здравствени работници во Африка заразени со Ковид-19

СЗО: Повеќе од 10.000 здравствени работници во Африка заразени со Ковид-19

Повеќе од 10.000 здравствени работници во 40 држави на Црниот континент се со инфекции на коронавирусот, соопшти денеска Светската здравствена организација(СЗО), јави ДПА

СЗО наведува дека пандемијата добива на темпо во Африка, со околу 750.000 активни случаи на заразени и повеќе од 15.000 смртни случаи низ целиот континент.

-Растот што го гледаме … ги отежнува здравствените услуги ширум континентот, изјави директорот на СЗО во Африка, Матшидисо Моети.

-Ова има многу реални последици за лицата кои работат во нив, додаде Моети.

Има ограничени информации за инфекции кај здравствените работници во Африка, затоа што не сите земји пријавуваат податоци во СЗО, но прелиминарните податоци покажуваат дека здравствените работници сочинуваат повеќе од пет проценти од случаите во 14 земји во субсахарска Африка.

-Здравствените работници се заразуваат поради недостаток на заштитна опрема, како и слабите мерки за превенција и контроли, смета Моети.

Потребната глобална побарувачка за заштитна опрема и глобалните ограничувања за патувања предизвикаа недостаток во снабдувањето, соопшти СЗО.

Германската агенција пренесува дека, сепак, 41 милиони артикли на заштитна опрема се подготвени да бидат испорачани од Кина за да се покријат потребите на 47 африкански држави, при што пратките се планираат да почнат да се дистрибуираат претстојниов викенд.

Само 16 отсто од вкупно 30.000 клиники и болници, колку што СЗО проценува дека има на целиот континент, имаат доволно мерки за превенција и контрола на инфекциите. Само помалку од осум отсто од здравствените установи имаат капацитети за изолација, а само третина имаа капацитет да извршат тријажа на пациентите, додаде ДПА. (МИА)

Коронавирус