вторник, 22. септември 2020. Вести денес: 105
home Вести

СЗО: Над 95 отсто од починатите од коронавирус во Европа се лица над 60 години

СЗО: Над 95 отсто од починатите од коронавирус во Европа се лица над 60 години

Шефот на канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, рече дека официјалните податоци покажуваат дека повеќе од 95 отсто од починатите од коронавирус во Европа се лица постари од 60 години.

Но, Клуге, исто така, рече дека староста не е единствен ризик фактор за оваа тешка болест, додавајќи дека замислата дека Ковид-19 ги погодува само постарите е всушност погрешна.

На онлајн конференција за новинари во Копенхаген, Клуге истакна дека младите луѓе не се непобедливи.

„Тешки случаи се забележани и кај тинејџери и кај луѓе во 20-тите години од животот, при што на многумина од нив им била потребна интензивна нега, а некои, за жал, починале“, рече Клуге.

Додаде дека последните статистики покажуваат дека 30.098 луѓе починале во Европа од вирусот, од кои најголем број во Италија, Франција и Шпанија.

„Знаеме дека повеќе од 95 отсто од овие случаи се лица над 60 години, а повеќе од половина од жртвите биле постари од 80 години“, кажа Клуге.

Тој рече дека повеќе од четири од пет починати имале барем уште едно хронично заболување, како кардиоваскуларни болести, висок крвен притисок или дијабет.

„Од друга страна постојат луѓе постари од 100 години и кои се примени во болница поради Ковид-19, но во целост се излекувани“, рече Клуге.

Коронавирус