петок, 22. јануари 2021. Вести денес: 167
home Вести

СЗО: На Ковакс механизмот му треба итно финансирање од четири милијарди долари

СЗО: На Ковакс механизмот му треба итно финансирање од четири милијарди долари

На меѓународниот механизам за пристап до вакцините против коронавирус – Ковакс му треба итно финансирање од над четири милијарди долари, изјави денеска генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус преку видео обраќање до светската заедница во врска со првата годишнина од информацијата добиена во СЗО од Кина за избувнување „пневмонија од непознато потекло“ – болеста која подоцна беше наречена Ковид-19.

– За да го заштитиме светот, треба да обезбедиме имунизација на сите луѓе кои се во ризична група, не само во земјите што можат да си дозволат да купат вакцина. За таа цел, на механизмот Ковакс итно му се потребни повеќе од четири милијарди долари за купување вакцини за земји со ниски приходи, рече Гебрејесус.

Според него, ова е предизвик што мора да се исполни во 2021 година.

Генералниот директор на СЗО ја повика меѓународната заедница да работи заедно за зајакнување на здравјето ширум светот.

– Историската скала на здравствената криза во 2020 година ни покажа колку сме тесно поврзани, рече Гебрејесус.

Според него, „светлината во тунелот веќе се гледа“ и ние мора „заедно да одиме по патот“.

Светската здравствена организација придава големо значење на механизмот Ковакс, во кој учествуваат 190 земји и економии. На 18 декември беше соопштено дека производителите задржале околу две милијарди дози вакцини.

Ковакс е механизам за поддршка на создавање производствени капацитети и централизирани набавки. Според планот, во рамките на механизмот, до крајот на 2021 година, треба да се произведат две милијарди дози вакцини и да се дистрибуираат рамномерно низ целиот свет. (МИА)

Коронавирус