недела, 28. ноември 2021. Вести денес: 28
home Вести

Светот во постојана борба против климатските промени

Светот во постојана борба против климатските промени

На 31 октомври во Глазгов почнува конференцијата за климата COP-26, која ќе трае две недели, и на која ќе присуствуваат околу 20.000 учесници, вклучително и шефови на држави и влади од 120 земји.

Се очекува да се разговара за прашања поврзани со зголемување на заложбите на земјите во борбата против емисиите на стакленички гасови.

Во тој контекст, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предложи да се доделуваат 100 милијарди долари секоја година на земјите во развој за справување со климатските промени.

За време на прес-конференција, тој ја истакна потребата целосно да се напуштат електраните на јаглен најдоцна до 2040 година и да се запре субвенционирањето на екстракција на фосилни горива и индустрии кои го загадуваат воздухот.

Во исто време, премиерот на Австралија Скот Морисон рече дека целта на Австралија е да постигне јаглеродна неутралност до 2050 година. Но, според него, целта нема да биде пренесена во закон, туку ќе се потпира на потрошувачите и компаниите кои поттикнуваат намалување на емисиите.

Усвојувањето на оваа цел ќе ги ублажи меѓународните критики кон Австралија за одбивањето да им се придружи на земјите, како Велика Британија и САД, во ветувањето нула емисии на јаглерод до 2050 година пред климатскиот самит во Глазгов.

Австралија е една од најголемите светски емитери на стакленички гасови по глава на жител и значаен извозник на фосилни горива, како што е јагленот. Морисон додаде дека Австралија ќе постигне нула емисии најмногу преку технолошки развој и владини инвестиции во вкупна вредност од 20 милијарди долари.

– Инвестицијата, вели Морисон, ќе ги намали трошоците за технологија како што е чистиот водород, што ќе ја зголеми нејзината употреба.

Премиерот се обиде да ја ублажи секоја закана за домашната индустрија и работните места како резултат на намалувањето на емисиите.

– Австралијците сакаат одговор на климатските промени. Тие преземаат мерки против климатските промени, но, исто така, сакаат да ги заштитат своите работни места и средства за живот. Тие, исто така, сакаат да ги намалат трошоците за живот, изјави Морисон пред новинарите во Канбера.

„И јас сакам да го заштитам австралискиот начин на живот, особено во руралните и регионалните области. Австралискиот начин на живот е единствен“, истакна премиерот.

Тој додаде дека Канбера нема да ја смени својата цел за намалување на емисиите за 26 до 28 отсто до 2030 година во однос на нивото од 2005 година, но, потенцира дека Австралија ќе ја надмине таа цел и дека до 2030 година ќе ги намали емисиите за 30 до 35 отсто.

Саудиска Арабија, земја која е најголем извозник на нафта во светот, соопшти дека сака да инвестира повеќе од милијарда долари во еколошки иницијативи, неколку дена пред почетокот на климатската конференција на ОН COP26, што ќе се одржи во Шкотска.

– Денеска отвораме зелена зона за регионот. Убедени сме дека тие промени не се во прилог само на животната средина, туку и на економијата и безбедноста, изјави саудискиот престолонаследник Мохамед бен Салман.

Тој во саботата рече дека неговата земја има цел да постигне јаглеродна неутралност до 2060 година.

Британскиот премиер Борис Џонсон во понеделникот изјави дека е „многу загрижен“ и претпазлив во врска со перспективите на климатскиот самит COP26, кој започнува в недела во Глазгов, да биде успешен, истакнувајќи, сепак, дека тоа е „можно“.

– Многу сум загрижен затоа што може да појде на лошо, рече Џонсон на средба во Даунинг стрит 10 со деца на возраст од осум до 12 години.

– Можно е да не ги постигнеме договорите што се потребни, рече тој.-Тоа е многу, многу тешко остварливо, но сепак мислам дека е можно, истакна Џонсон.

На Самитот, британската влада ќе се обиде да убеди речиси 200 земји да направат повеќе за намалување на емисиите на стакленички гасови, така што глобалното затоплување ќе биде ограничено на под 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриската ера, како што е предвидено со Парискиот договор од 2015 година.

Претседавачот на собирот, Британецот Алок Шарма, во саботата рече дека ќе биде „потешко“ да се постигне договор во Глазгов отколку во Париз.

Овој COP е „можеби најважниот самит во оваа земја во нашите животи, истакна Џонсон.

Договорот ќе бара „жртви“, објасни тој. „Секој ќе мора да се согласи да направи нешто тешко, било да е тоа затворање на електрани на јаглен или давање пари за помош на земјите во развој или користење на електрични возила.

Коронавирус