среда, 27. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Светот во 2020 година: Повторно на удар правата на жената

Светот во 2020 година: Повторно на удар правата на жената

Одлуката на Уставниот суд на Полска за дополнување на Закон за абортус ги извади Полјаците на улиците ширум земјата и покрај рестриктивните мерки воведени поради пандемијата со Ковид-19 и уште повеќе ја потенцира поделеноста помеѓу конзервативците и либералните.

Иако тоа не е прв протест за Законот за абортус, жените сега добија широка поддршка од различни групи, организации, синдикатите, со што демонстрациите се најмасовни и најдолго трајат. На протестите забележетелно е поголемото присуство на млади лица. Но, првпат во Полска демонстрантите упаднаа во црквите и ја попречува богослужбата поради поддршката што Католичката црква ја дава на Законот за абортус.

Владејачката партија Право и правда (ПиС) се претставува како бранителка на традиционалните, католички вредности, а своите противници ги нарекува антиполјаци и антихристијани, додека групите за женски права ги прикажува како опасни агентки на либералната, западна пропаганда.

Во Полска не се почитуваат мултикултурните вредности на ЕУ, отворено е против ЛГБТ заедницата, а го засилува влијанието на Католичката црква. Една година откако дојде на власт ПиС се обиде да го ограничи Законот за абортус, но жените ширум Полска стапија во штрајк, по примерот на жените од Исланд во 1975 година. Со штрајкот од 2016 година почнува новата ера на полското феминистичко движење.

Полска во јули годинава најави и повлекување од Истанбулската конвенција од 2011 година за спречување и борба против насилството врз жените и насилство во семејството. За конзервативците со „родовата идеологија која е полоша од комунизмот“ и се залага за формирање на хомосексуални семејства.

Група десно-конзервативни пратеници, наместо преку Парламентот, директно се обратија до Уставниот суд за измени на Законот за абортус, иако Полска има еден од најригорозните закони за прекин на бременоста во Европа. Абортусот во Полска е дозволен само во случај на аномалии на плодот, ризик по здравје на жената или во случај на инцест и силување.

Уставниот суд на 22 октомври донесе одлука за забрана на абортус на фетус со вродени аномалии, дури и ако нема шанса да преживее.

Картонска револуција

По одлуката на Уставниот суд се организираа протести речиси во сите полски градови. Тоа се најмасовни демонстрации од доаѓањето на ПиС на власт и протести што најдолго траат. Заштитен знак се картоните со испишани пораки, поради што протестите се наречени и Картноска револуција. Само во првата недела од протестите беа забележани 410 демонстрации, маршеви и други преформанси во цела Полска.

Противниците тврдат дека со одлуката жените се принудуваат да го носат плодот за кој има мали шанси да преживее по раѓањето. Додека поддржувачите на одлуката тврдат дека ќе се спречи абортус на фетус со Даунов синдром, што досега беше главната причина за законско прекинување на бременоста во Полска.

Се проценува дека од 80.000 до 120.000 жени од Полска секоја година патуваат во странство за прекин на бременоста.

„Војна помеѓу културите“

Демонстрантите за време на протестите првпат упаднаа во Католичките цркви и попречуваа богослужба. Тие носеа транспаренти на кои пишуваше „Имате крв на рацете“, „Пекол за жените“, „Се молиме за право на абортус“. Лидерот на ПиС, кој е и потпретседател на Владата, Јарослав Качински протестите ги оцени како обид за уништување на Полска и ги повика Полјаците да застанат во одбрана на нацијата и на Католичката црква.

Тоа ги поттикна ултрадесничарските групи да се организираат во одбрана црквата и најавија формирање на „Национални стражи“ за заштита на Католичката црква од нападите на демонстрантите.

Полската филозофката Агата Бијелик-Робсон во интервју за неделникот „Њузвик Полска“ изјави дека протестите „имаат елементи на војна помеѓу културите, која ги привлекува сите радикални сили“.

– Тоа е борба против „родот“, против ЛГБТ и против абортусот, против наводните „елементи на смрт на цивилизацијата“ кои доаѓаат од либералниот Запад, посочи Бијелик-Робсон.

Додека Качински и Католичката црква ја поддржуваат одлуката на Уставниот суд, полскиот претседател Анджеј Дуда под притисок на масовните протести го смени својот став и изјави дека жените треба да имаат право на абортус, ако носат фетус со фатални вродени аномалии. Тој потенцира дека и натаму се залага за забрана за абортус во сите случаи, освен кога станува збор за фетус со фатални вродени аномалии.

За одлуката на Уставниот суд да стапи во сила треба да биде објавена во Службен весник, но Владата не е должна да го направи тоа, може да се воздржи од објавување на одлуката или да ја одложи. Полската Влада неколку пати не го направила тоа.

„Приказната на слугинката не е упатство“

Невладината организација Демократска акција собра 200.000 потписи против одлуката на Уствниот суд, што ја оцени како „срамотна политичка одлука диктирана од десничарските фундаменталисти“. Тие истакнуваат дека тоа е „Војна против жената“.

Организациите за заштита на човековите права ја осудија одлуката на Уставниот суд на Полска за абортусот и предупредуваат дека ќе има импликации и врз другите држави.

Европскиот Парламент на 26 ноември оцени дека одлуката на полскиот Уставен суд да го прогласи абортусот за нелегален ги ограничува основните права на жените и доведува до зголемување на бројот на небезбедни абортуси. Во резолуцијата на ЕП се осудува прекумерната и непропорционална употреба на сила и насилство врз демонстрантите од страна на силите за спроведување на законот и други, како што се екстремно десничарски националистички групи.

Жените во Полска не се откажуваат од протестите и барањата за целосно либерализирање на Законот за абортус. Тие порачуваат дека „Приказната на слугинката не е упатство!“.

Коронавирус