вторник, 26. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Студениот бран ја окова Европа, најмалку петмина мртви

Студениот бран ја окова Европа, најмалку петмина мртви

Ледениот бран, кој во британските медиуми го доби називот „Ѕверот од Истокот“ (Beast from the East) ги донесе најниските температури годинава во поголемиот дел на Европа, а во Полска предизвика и нови смртни случаи.

Поради температурите кои се спуштија до 22 степени под нулата, во Полска починаа пет лица, со што вкупниот број лица кој годинава починаа од хипотермија се искачи на 58.

„Ѕверот од Истокот“ во Рим донесе снежна бура, која го парализираше градот. Училиштата се затворени, а авионскиот, железнички и автобуски сообраќај е во пркеин. Италијанската агенција за цивилна заштита ја мобилизираше војската за да помогне во чистењето на улиците, со оглед на тоа дека градот, навикнат на благи зими, е прекриен со дебела снежна покривка.

Холандските власти забранија пловидба по каналите во Амстердам поради големиот студ и дебелиот мраз кој се формираше на површината на водата. Градските власти наведуваат дека тоа ќе им овозможи на граѓаните и туристите слободно да лизгаат по каналите, што се нема случено од 2012 година.

Во Франција, дел од мигрантите кои спијат во шатори на брегот на Сена се соочуваат со големи студови, кои носат сериозни здравствени проблеми.

Во голем дел од Германија изминатата ноќ беше една од најстудените, а во делови на земјата беше измерена температура од минус 30 степени.

Снегот и студот големи проблеми предизвикаа и во Велика Британија и Ирска, посебно во нормалното одвивање на сообраќајот. Метеоролозите предупредија дека живата во термометарот неделава ќе се спушти на најниските вредности во последните пет години. Во многу делови на земјата во текот на ноќта падна најмалку 10 сантиметри снег, а британската метео служба за денеска најави нови, обилни снежни врнежи. Голем дек од патиштата во Велика Британија делумно или целосно се затворени, а железничкиот сообраќај се одвива со големи потешкотии.

Ледениот бран „Ѕверот од Истокот“ научиниците го објаснуваат со зголемување на температурите во опсег до 30 степени на Северниот пол, што е повеќе од зимскиот просек за тоа подрачје. Такви временски екстреми се слиучиле четири во години во периодот од 1980 до 2000 година, а сега се повторуваат четири последователни години.

Причина за ледениот бран е надоаѓање на топол воздух, кој носи голема влага на Северниот пол. Научниците истакнуваат дека тоа и порано се случувало, но никогаш зачестено и интензивно како во послендите четири години.

Промената на климата на Северниот пол предизвика поместување на ладниот арктички воздух кон Европа.

Коронавирус