сабота, 23. јануари 2021. Вести денес: 38
home Вести

Стив Банон ќе ја обединува европската крајна десница од Брисел

Стив Банон ќе ја обединува европската крајна десница од Брисел

Американскиот весник „Дејли Бист“ ги открива плановите на поранешниот советник на Доналд Трамп и идеолог на алтернативната десница во САД, Стив Банон, да создаде паневропско популистичко движење со седиште во Брисел, пред следните избори за Европскиот парламент.

Информацијата ја откри Дејли Бист синоќа и за сега нема официјални реакции во ЕУ, но потегот несомнено ќе предизвика загриженост, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европскиот пратеник и либерал, Ги Верхофштат, на социјалните мрежи повика да се забрани Банон во Европа, барање кое веќе наиде на многу критики и кое има малку шанси да успее.

Во интервју со Дејли Бист, Банон откри дека планира „десничарска револуција“ во Европа и дека ќе етаблира фондација наречена Движењето (The Movement), чија цел е да му парира на Отворено Општество на Џорџ Сорос.

Фондацијата ќе им помага на се побројните крајно десничарски партии ширум Европа, преку анкети, советувања за кампањи и анализа на податоци.

Поранешниот директор на екстремно конзервативниот „Бреитбарт“ има амбиција да создаде широка коалиција на популисти во следниот ЕП, кој ќе се бира на крајот на мај 2019 година. Банон е близок со Французинката Марин Ле Пен, Унгарецот Виктор Орбан, Британецот Најџел Фараж и други алтернативни десничари на континентот.

Движењето на Банон ќе се инсталира во Брисел и ќе почне да вработува за неколку месеци, пишува „Дејли Бист“, веднаш по американските парламентарни избори. Политичката група ќе прави истражувања за „детални политички предлози“ и ќе ги „здружува“ националистичките партии во Европа.

До сега екстремната десница во Европа никогаш не успеала да создаде обединета и хомогена политичка група во Европскиот Парламент, кој е предводен од трите традиционални политички групи: Европската Народна Партија (демохристијани), Социјалдемократската партија и Либералните Демократи. Во ЕПП членуваат партии како онаа на Виктор Орбан, која е сѐ почесто во судир со традиционалните европски десници.

Нејасно е за сега кои движења би му се приклучиле на Банон. И покрај контроверзите, ЕПП за сега секогаш внимавала да ја задржи партијата на Орбан во своите редови, од страв таа да не замине во друга политичка група, со што влијанието на ЕПП би се намалило на корист на поекстремни групации.

Целта на Банон е да ја поткопа европската интеграција која се гради со децении, вели тој во интервјуто со „Дејли Бист“.

– Десен популистички национализам е тоа што ќе се случи, тоа е тоа што ќе владее. Ќе имате индивидуални нации-држави со сопствени идентитети и граници, вели Банон.

Кризите кои ја минираат Европа во последните десетина години, од Брегзит до миграцијата, или пак економската криза создадоа длабоки поделби и плодно тло за популистите и националистите ширум Европа. Банон порачува и дека неговото движење ќе биде поврзано со движењата на Трамп во САД.

Веста доаѓа во контекст на последните остри пораки на американскиот претседател упатени до неговите традиционални сојузници во Европа, како и неговото приближувањето со Русија, чии банки ја финансираа делумно и националистичката партија на Марин Ле Пен.

(Миа)

Коронавирус