понеделник, 3. август 2020. Вести денес: 48
home Вести

Средба Јанша-Столтенберг: Важно да се продолжи со воени инвестиции

Средба Јанша-Столтенберг: Важно да се продолжи со воени инвестиции

Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, кој е во официјална посета на Брисел овие денови, утрово оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Двајцата се согласија дека НАТО членките треба да продолжат да инвестираат во воените капацитети и Алијансата.

За шефот на Северноатлантската алијанса, НАТО покажа дека улогата на воените сили за време на пандемијата беше клучна и се надева дека Словенија ќе го зголеми својот придонес кон буџетот на НАТО.

-Уверен сум дека ќе видиме зголемување на одбранбените трошоци во Словенија, рече Јенс Столтенберг.

“Сите сме свесни дека Ковид-19 создаде сериозни економски предизвици за сите, но заканите кои постоеја пред пандемијата сѐ уште се тука и треба да продолжиме да инвестираме, покажавме дека воените сили беа способни да ги поддржат цивилните напори во справувањето со пандемијата, преку транспорт на опрема, на пациенти, полски болници, дезинфекција на јавни простори, инвестициите во воените сили се исто така инвестиции во ваквите капацитети“, изјави генералниот секретар на НАТО.

Иако учествува во бројни мисии и е силно присутна на западниот Балкан, Словенија не ги исполнува зацртаните буџетски цели за одбраната, како што е договорено на највисоко ниво во НАТО Алијансата. Премиерот Јанша го увери Столтенберг дека Словенија работи на закон кој ќе овозможи поголема стапка на финансии за одбраната во наредните шест години.

-Немаше стабилност, затоа сега предлагаме закон кој ќе овозможи да се планираат инвестиции за наредните шест години, и како што кажа генералниот секретар, видовме за време на оваа здравствена криза како превозните капацитети се важни за да се донесат заштитни опреми на време, рече Јанша.

Зголемувањето на буџетската стапка посветена на одбраната на два отсто во сите 30 земји членки на НАТО е заложба преземена едногласно во Алијансата пред шест години, но бројни земји сѐ уште се далеку од целта, а пандемијата и нејзините економски последици ризикуваат да се одразат врз овие амбиции.

Словенечкиот премиер предупреди и дека треба да се има предвид дека е можен веќе сега втор бран на Ковид-19 во југоисточна Европа.

-Ситуацијата со Ковид како што е сега покажува дека на нашиот дел од континентот се движиме кон втор бран и дека дополнителни мерки ќе треба да се преземат за да се избегнат нови целосно рестриктивни мерки, ова е многу важно за стабилноста и економското закрепнување, изјави словенечкиот премиер.

Јанез Јанша утрово исто така се сретна со претседателот на Европскиот Совет, со кого разговарал за предлогот на Европската Комисија за повеќегодишниот буџет на ЕУ и економскиот пакет за спас на економиите, тема околу која поделбите помеѓу ЕУ членките се многу длабоки.

Ставот на Словенија е дека е потребно компромисно решение во што е можно покус рок затоа што заканата од Ковид-19 не е завршена. (МИА)

Коронавирус