вторник, 11. август 2020. Вести денес: 93
home Вести

Советот за безбедност на ОН усвои резолуција за коронавирусот

Советот за безбедност на ОН усвои резолуција за коронавирусот

Советот за безбедност на ОН гласаше за резолуција во која се повикува на прекин на огнот за време на пандемијата и усвојување на други мерки за борба против коронавирусот, јави Бгнес повикувајќи се на извори во Светската организација.

Предлог резолуцијата доби 15 гласа „за“ и беше усвоена едногласно како „резолуција 2522“.

Основна цел на документот е да го поддржи повикот на генералниот секретар објавен во март за сеопшт и итен прекин на огнот во сите конфликтни области. Предлог-резолуцијата беше претставена во април.

Според дипломатски извори, најголемите разлики се појавиле меѓу американската и кинеската делегација. Како резултат на постигнатиот компромис, текстот за улогата на Светската здравствена организација во борбата против коронавирусот е отстранет од резолуцијата и не е спомената земјата од каде што почна заразата.

Во документот се вели дека „хуманитарната пауза не се однесува на воените операции против Исламска држава, Ал Каеда и други лица, групи и организации поврзани со групи кои Советот за безбедност на ОН ги смета за терористички“.

Мировните мисии на ОН ќе добијат мандат да им помагаат на државите во мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Се работи главно за хуманитарен пристап, вклучително и преместување на луѓе и бегалски кампови, како и евакуации поради медицински причини.

Авторите на резолуцијата, Франција и Тунис, се заблагодарија за постигнатиот компромис, кој овозможи да се гласа за текстот. Неговото усвојување не значи крај на работата, но нејзиниот почеток ја врати „вербата во дипломатијата и принципите на мултилатерализам“, благодарение на волјата што ја покажаа членовите на Советот за безбедност да ги надминат постоечките несогласувања.

Коронавирус