понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 155
home Вести

Сноуден ќе стане татко

Сноуден ќе стане татко

Поранешниот член на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) којшто доби дозвола за престој во Русија, Едвард Сноуден наскоро ќе стане татко, изјави денеска неговиот адвокат Анатолиј Кучерена.

Правниот застапник нагласи дека детето ќе има руско државјанство.

– Едвард и неговата сопруга Линдзи Милс наскоро ќе станат родители. Односно, до крајот на годината. Државјанството се доделува врз основа на местото на раѓање, истакна тој.

Сноуден не изрази желба да добие руско државјанство, барем сѐ уште не.

– Ние не сме разговарале за ова прашање. Кога тој ќе одлучи, самиот ќе ја информира јавноста, нагласи адвокатот.

Во октомври 2014 година, американската акробатка и блогер Линдзи Милс ги напушти САД и дојде во Москва за да му се придружи на Сноуден. Во САД, тој се смета за бегалец. Двајцата се венчаа во 2017 година.

Во 2013 година, Сноуден објави дека американските разузнавачки служби незаконски ги следат електронските податоци на илјадници корисници на Интернет, што вклучува и нелегално прислушување на странски државјани и државници. Потоа, за да ги избегне правните последици од објавувањето доверливи податоци на САД, Сноуден побара азил во други земји, меѓу кои и Русија. Во август 2014 година доби дозвола за привремен престој во таа земја, додека во САД сѐ уште е обвинет за шпионажа и му се заканува казна затвор од десет години.

Коронавирус