недела, 19. јануари 2020. Вести денес: 93
home Вести

Сите сакаат да мигрираат во Германија, а Германците си одат

Сите сакаат да мигрираат во Германија, а Германците си одат

Мнозинство германски мигранти заминуваат во странство поради работа и повеќе пари. Меѓу нив се најголем дел академски граѓани, а најпопуларна дестинација за Германците е соседна земја која има германско говорно подрачје.

Германските имигранти претежно се високообразовани академски граѓани во најдобри години- 76 отсто од нив имаат универзитетски дипломи или се доктори на науки, односно три четвртини, но само една четвртина од германското население има високо образование. Повеќето се меѓу 20 и 40 години. Ова се податоци од студијата на Сојузниот завод за истражување на населението.

Според студијата, голем дел од испитаниците имигрирале од професионални причини.

– Често е тоа следен чекор во кариерата – рекол политикологот Андреас Ете.

Само 18 отсто од испитаниците одговориле дека Германија ја напуштаат поради незадоволство од животот во својата земја. За голем дел од имигрантите заминувањето во странство и финансиски им се исплатело.

– Повеќе од 60 отсто од испитаниците рекле дека нето-приходите на домаќинствата во странство се подобри или многу подобри од платите кои ги имале во последните месеци во Германија – рекол Ете.

Според податоците, во странство во моментов живеат околу 4 милиони Германци. Секоја година, во просек по 180.000 германски граѓани ја напуштаат земјата. Во истиот период се враќаат околу 130.000 граѓани.

Поради тоа на Германија не ѝ се заканува губење на квалификуваните работници, таканаречени „одлив на мозоци“. Студијата покажува дека престојот во странство е привремен и трае само неколку години.