петок, 7. мај 2021. Вести денес: 76
home Вести

Сириската армија со зголемена готовност во очекување „странски напади“

Сириската армија со зголемена готовност во очекување „странски напади“

Сириските Вооружени сили и нивните сојузнички милитантни групи се во состојба на зголемена готовност на целата територија на Сирија во очекување на можни „странски напади“, соопшти денеска Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

Според Центарот, како што јави ДПА, сириската армија почнала и со евакуција на некои позиции, кои се проценуваат како можни целите на евентуалните напади.

-Сириската арнија е во целосна (борбена) готовност на сите аеродроми, поважни позиции во главниот град Дамаск и неговата околина, во Хомс, како и во крајбрежните региони на Латакија и Тартус, изјави директорот на Центарот, Рами Абдел Рахман.

Активисти на Центарот од источната сириска провинција Деир ал Зур тврдат дека виделе припадници на владините сили како вршат евакуација на главните контролни пунктови.

Ваквите информации доаѓаат по вчерашните најава на американскиот претседателот Доналд Трамп дека САД „во следните 24 до 48 часа“ ќе го објават потенцијалниот одговор на „ужасниот и брутален напад со хемиско оружје“ во сирискиот град Дума.

Во меѓу време, денеска и портпаролот на француската Влада, Бенжамен Гриво изјази дека ќе следи соодветен одговор ако во Сирија „е премината црвената линија“

-Претседателот на Републиката (Емануел Макрон) веќе неколку пати напомна дека ако е премината црвената линија, ќе има соодветен одговор, изјави Гриво за радиото Европа-1.

Тој додаде дека размената на информации меѓу Макрон и неговиот американски колега Доналд Трамп „априори потврдува дека било користено хемиско оружје“. – Претседателот на Републиката повторно ќе разговара со претседателот Трамп во следните 48 часа, рече Гриво, нагласувајќи дека Макрон и Трамп им дале инструкции на своите тимови да продолжат со истрагата.

Постојат сомнежи дека при напад во саботата во Дума, последниот град во реонот на Источна Гута под контрола на бунтовниците, било користено хемиско оружје, при што загинале најмалку 70 лица. Сириската бунтовничка група Џаиш ал Ислам ги обвини владините сили дека фрлиле буре-бомба со отровни хемикалии врз цивили во Дума и оти при тоа се затруени уште над 500 луѓе.

Москва, меѓутоа соопшти дека не открила хемиски напад во Дума, посочувајќи дека лекари на руската армија ги испитувале наводно затруените пациенти во болница во Дума и дека не откриле симптоми на труење со хемиско оружје.

Неидентификувани воени авиони вчера извршија напад врз база на сириската армија во провинцијата Хомс, при што загинаа најмалку 14 војници. Русија и Сирија за нападот го обвинија Израел, која засега не ги коментираше ваквите обвинувања.

(Миа)

Коронавирус