среда, 2. декември 2020. Вести денес: 69
home Вести

Што ќе се смени во приказната за Брегзит на 1 февруари?

Што ќе се смени во приказната за Брегзит на 1 февруари?

Брегзит ќе се случи вечерва на полноќ, 1.317 дена откако Британците одлучија да ја напуштат Европската Унија, пренесува Хина, а прашањето е што ќе се смени на 1 февруари.

Дневната трговија меѓу Велика Британија и Европската Унија ќе продолжи како претходно до крајот на 2020 година.

За време на овој преоден период од 11 месеци, Лондон и Брисел треба да се договорат за нивните идни односи.

Ако не се договорат, трговијата со Велика Британија ќе се одвива според правилата на Светската трговска организација (СТО) сè додека не се постигне договор за слободна трговија, што всушност би бил „тврд“ Брегзит.

Џонсон не сака продолжување на преодниот период

Лондон до 1 јули може да побара продолжување на преодниот период за една или две години, но британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека не го сака тоа.

Европската Унија вечерва на полноќ за првпат ќе остане без една земја членка, и тоа една од најголемите и најбогатите.

По заминувањето на нејзините 66 милиони жители, Унијата ќе има население од околу 446 милиони жители, а нејзината територија ќе се намали за 5,5 проценти.

Ако Велика Британија сака да се врати, ќе мора да помине низ вообичаената процедура за пристапување.

Отстранувањето на британското знаме пред зградата на Европскиот парламент во Брисел ќе симболизира вистинска промена: Велика Британија веќе нема да биде членка на ЕУ, туку „трета земја“.

Без пратеници од Велика Британија

Во Европскиот парламент повеќе нема да има ниту еден од сегашните 73 британски европратеници – 46 од овие места ќе бидат резервирани за идните земји членки, а 27 ќе бидат прераспоредени. На тој начин Хрватска ќе има еден пратеник повеќе, вкупно 12.

Велика Британија повеќе нема да има право на свој комесар во Европската комисија. Во новата Европска комисија веќе го нема затоа што премиерот Борис Џонсон не сакаше да назначи.

Британскиот премиер повеќе нема да биде канет на европски самити, а британските претставници нема да присуствуваат на министерските состаноци.

Како државјани на странска земја, Британците повеќе нема да можат да се кандидираат за работни места на европски функционери во Брисел. Многумина, меѓутоа, зедоа двојно државјанство за да можат да останат во Унијата.

Без право на глас

Велика Британија нема да има право на глас во ЕУ, но до крајот на преодниот период ќе мора да го уплатува својот дел во европскиот буџет. Велика Британија е втор нето-придонесувач во буџетот на ЕУ, по Германија.

Според податоци на ОН, речиси 1,2 милион британски граѓани живеат во друга земја членка на ЕУ, најмногу во Шпанија, Ирска, Франција, Германија и Италија.

Според Бирото за статистика на Велика Британија, 2,9 милиони граѓани од 27 земји членки на ЕУ живеат во Велика Британија, што е околу 4,6 проценти од населението.

Согласно Договорот за повлекување, и едните и другите ќе ги задржат своите права за престој и работа во земјата во која престојуваат.

Државјаните на 27 членки на ЕУ кои живеат во Велика Британија ќе треба да се регистрираат за да ги остварат овие права. За Британците кои живеат во ЕУ, процедурите се разликуваат од земја до земја.

Нови трговски договори

Слободата на движење ќе важи до 31 декември 2020 година. Детали за реципрочните права ќе бидат договорени по Брегзит.

Велика Британија веќе неколку години преговара за условите за развод од ЕУ со експерти од Европската комисија предводени од Мишел Барние.

Но, по денеска, преговорите ќе влезат во нова фаза.

До крајот на преодниот период Велика Британија ќе биде под надлежност на Судот на правдата на ЕУ и на европското право.

Барние со државите членки договара преговарачки мандат за договор за идните односи, пред сè за трговијата.

Спротивно на Договорот за повлекување, кој државите членки и Европскиот парламент мора да го ратификуваат, договорот за трговија ќе мора да го одобрат повеќе од 30 национални и регионални парламенти.

Коронавирус