среда, 19. јануари 2022. Вести денес: 43
home Вести

Шест седмици по ред паѓа цената на нафтата

Шест седмици по ред паѓа цената на нафтата

Цените на нафтата на светските берзи паднаа и минатата недела, шеста седмица по ред, бид ејќи трговците стравуваат дека омикрон варијанта на коронавирусот може да предизвика повторно затворање на економиите, а со тоа и пад на побарувачката на нафта.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за речиси 4 отсто, на 69,88 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 2,8 отсто на 66,26 долари.

Ова е шеста недела по ред како цените паѓаат, што не е забележано од ноември 2018 година. Откако кон крајот на октомври достигна највисоки нивоа во последните три години, цената на нафтата се намали за околу 18 отсто.

Цените на нафтата се под притисок и поради одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, предводени од Русија, да продолжат да го зголемуваат производството во јануари, според планираното, за 400.000 барели дневно, и покрај појавата на нови варијанти на коронавирус.

Сепак, водечките светски производители на нафта ја задржаа можноста за промена на политиките на краток рок, доколку владите со рестриктивни мерки се обидат да го спречат ширењето на омикрон а со тоа се наштети на побарувачката, па затоа најавија можност за повторна средба пред почетокот на следната година.

„Има многу причини за падот на цената на нафтата, вклучувајќи го и порастот на инфекциите со коронавирус, одлуката на ОПЕК да опстои на планот за зголемување на производството во јануари и разочарувачкиот извештај за вработеноста во САД“, рече Боб Јавгер, директор на пазарот за енергетика на компанијата Мизухо.

Во петокот беше објавено дека бројот на вработени во САД минатиот месец се зголемил за 210.000, значително помалку од еден месец претходно и помалку од очекуваните 530.000.

Коронавирус